петок, јануари 30, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Генерален штрајк ако не се потпише колективен договор за 40 отсто повисоки...

Генерален штрајк ако не се потпише колективен договор за 40 отсто повисоки плати

Сојузот на синдикати на Македонија најави дека ќе блокира улици и институции, а ќе започне и генерален штрајк ако во понеделник не се потпише колективен договор за зголемување на платите за 40 отсто. Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов обвини за притисоци врз работниците и рече дека никој нема да може да ги спречи во борбата за повисоки плати и за достоинствен живот

80

Доколку во понеделник не се потпише колективниот договор за 40 отсто зголемување на платите на работниците Сојузот на синдикати на Македонија ќе блокира улици и патишта. Како што рече првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов пратениците во Собранието ќе бидат првите кои што ќе ги блокираме затоа што една година го чуваат законот во фиока и не сакаат да ги зголемат платите.

-Веројатноста е наредната недела ќе одат со автобус и пешки, како што доаѓаат најголем дел од работниците. Ќе ги чекаме да ги поздравиме и да ги потсетиме дека таму се за нас и дека треба да гласаат. Тоа ќе биде следниот чекор, а за информациите ќе објавиме во понеделник. Дента нема да можат да наплатат патни трошоци. Ќе ги удриме по џебот, истакна претседателот на ССМ.

Тој рече дека имало голем број обид за минирање на протестот на синдикалците, односно закани и уцени кон работниците за да не излезат на улица. Но, и покрај тие закани и уцени како што рече огромен број од работниците се охрабрија и излегоа на улица.

-Имаше притисок од Македонски пошти кој беше лично кон мене како претседател на ССМ дека ќе ме тужеле, само за да не замолчат и работниците да не излезат на протест. Пристигнаа информации дека од Тутунски комбинат Прилеп еден од тамошните директори се заканувал на вработените во никој случај да не дојдат на протест во Скопје. Истото се случи и со колегите од образование, објасни Трендафилов.

Тој се осврна и на тврдењето на Конференција на слободни синдикати дека нема потреба од радикални чекори бидејќи платите се зголемиле за 20 отсто.

-Жалосно е што КСС неколку дена пред одржувањето на протестот излезе со став дека нема потреба од вакви радикални чекори затоа што платите на работниците се зголемиле за 20 отсто. Претседателот на КСС изјави дека платите на фукционерите се ниски и оти функционерите неможе да имаат плата под 1.000 евра и не кажа дека ќе се бори за платите на работниците. Нема да им дозволиме на синдикалци да работат против синдикати, изјави Трендафилов.

Тој рече дека не може да се изначуди на обвинувањата од власта дека „ССМ бил виновен затоа што работниците во 2028 година нема да добијат 600 евра минималец“.

-Ние протестираме за 600 евра минимална плата сега, не во 2028 година. Го повикувам претставникот на Владата во понеделник да дојде во ССМ за да се потпише колективен договор со кој би се зголемиле платите на сите вработени за 40 отсто. И наместо во 2028 година да ја зголемиме минималната плата од февруари 2026 година, рече претседателот на ССМ.

Наредната недела ССМ започнува со блокади на улици и патишта, а следен чекор е генерален штрајк. Согласно Закон ССМ ќе поведе генерален штрајк во траење од 24 часа. Работниците тој ден нема да ги извршуваат работните задачи, а ќе се извршуваат само неопходни услуги и дејности.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ