Чуварите на еден од најзначајните светски споменици, Големиот ѕид во Кина, со генерации ја пренесуваат својата посветеност кон неговото зачувување. Од Жанг Хешан, кој со децении доброволно се грижел за Ѕидот, до неговиот наследник, Жанг Пинг, припадник на новата генерација што внесува и традиција и иновација. Современите технологии како дронови и ГПС-алатки стануваат нови сојузници во оваа древна мисија. Големиот ѕид не е само симбол на одбраната туку и жива врска со минатото, културата и со иднината на Кина. Чуварите 2.0 се надеж дека ќе се појават и чувари 3.0 – носители на новата ера на заштита и почит

Пред осумнаесет години, британскиот научник Вилијам Линдесеј беше фасциниран од приказните што му ги раскажа еден кинески фармер, кого го запозна една пријатна летна вечер, во текот на своето петнеделно патување покрај Големиот ѕид.

Од разговорите со Жанг Хешан, кој го угости во мало село во северната кинеска провинција Хебеи, Линдесеј беше импресиониран од постојаните напори на овој човек да собира народни приказни за историскиот споменик.

Со негова помош, беше издадена книгата со наслов „Народни приказни за Големиот ѕид“, која содржи 25 приказни собрани од Жанг и беше објавена како двојазично кинеско-англиско издание две години подоцна, овозможувајќи им на читателите да ја почувствуваат магијата зад ѕидовите, кои опстанале низ времето.

Опишан од Линдесеј како „прекрасен раскажувач“, Жанг, сега 70-годишен, ја испреплетува својата животна приказна со децениите посветени на заштитата на Големиот ѕид.

Оваа фотографија, направена на 26 јуни 2025 година, го прикажува Жанг Хешан, чувар на Големиот ѕид, како патролира на дел од Ѕидот во Ќинхуандао, во северната кинеска провинција Хебеи

Признаен како објект на светското наследство од УНЕСКО, Големиот ѕид претставува древен одбранбен систем на Кина, со делови стари повеќе од 2.000 години.

Како потомок на чуварите на Големиот ѕид од минатите векови, Жанг има длабока љубов кон оваа градба.

– Најсреќните денови од детството ги поминав играјќи си со пријателите во стражарниците на Ѕидот – се сеќава тој.

Во младоста, откако станал свесен за културното значење на Ѕидот, во 1978 година, доброволно ја започнал својата животна мисија да го штити овој архитектонски споменик.

Во тоа време, главен предизвик му бил да ги одврати селаните од оштетување на Ѕидот.

– Не го разбираа моето однесување и мислеа дека не е тоа моја работа – рече Жанг.

За среќа, со текот на времето, откако државата ги зајакна напорите за зачувување на овој значаен споменик, многумина го променија мислењето. Жанг со задоволство ја прифаќа сè поголемата јавна поддршка за својата макотрпна работа.

Во 2003 година, градот Ќинхуандао стана првиот во Кина што вработи чувари со полно работно време за заштита на Големиот ѕид, а Жанг беше во првата група од 18 официјално назначени чувари.

Занг Пинг, чувар на Големиот ѕид, го проверува делот од Ѕидот со дрон, со камера, во Ќинхуандао, во северната кинеска провинција Хебеи, на 9 мај 2024 година

Патролирањето на делница долга 6 километри сè уште е рутина за стариот чувар. Од проверка на стабилноста на тулите и камењата до собирање на отпадот од посетителите, тој се грижи за Ѕидот со исти трпеливост и страст како и во изминатите децении.

Во последниве години, овој чувар бара нови начини за подигање на јавната свест. На социјалните мрежи, објавува поезија за својата љубов кон Ѕидот и ја прикажува неговата убавина преку пренесување во живо.

– Годините, можеби, ќе ми ги забават чекорите, но Големиот ѕид и неговиот дух никогаш нема да остарат. Треба да го пренесеме културното наследство и да им овозможиме на нашите деца да го одржат живо – вели Жанг.

Вдахновена од приказната на Жанг, новата генерација веќе тргна по патот на заштита на Ѕидот, а Жанг Пинг, 38-годишен, е еден од неа.

Роден и израснат во близина на преминот Шанхаигуан, најисточната точка на древната тврдина, Жанг Пинг отсекогаш сакал да се искачува по неа. Во 2017 година, беше вработен како чувар на Ѕидот и започна да внесува новини во неговата заштита.

Овој технолошки подготвен чувар користи дронови за патролирање, особено на деловите што се тешко достапни за луѓето. Со оваа нова алатка, Жанг Пинг може побезбедно и поефикасно да собира информации во реално време од теренот.

Покрај тоа, тој и неговите колеги користат софтвер за теренска инспекција опремен со сателитски локациски услуги за следење на своите маршрути и координација со надлежните органи.

– Нè нарекуваат Чувари 2.0 на Големиот ѕид, бидејќи внесуваме повеќе технологии и експертиза како нова сила – изјави Жанг Пинг за „Синхуа“.

Додека ја користи технологијата, Жанг Пинг не заборава да се надградува со знаење за Ѕидот и да придонесе во ширењето на неговата културна вредност. Тој е првиот волонтер водич во Музејот на Големиот ѕид во Шанхаигуан, музеј од прва категорија, кој беше отворен за јавноста во јуни.

И Жанг Хешан беше поканет да присуствува на отворањето на новиот музеј – значаен настан за заштита на Големиот ѕид, каде што се сретна со Жанг Пинг.

– Разговаравме и ми беше мило да чујам што прави – рече постариот Жанг со насмевка.

За помладиот Жанг, нивната средба беше потсетник на неговата одговорност.

– Ќе продолжам да ѝ ги раскажувам приказните за Големиот ѕид на пошироката јавност. Се надевам дека наскоро ќе дојде и чувар 3.0 – рече тој.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ