Претседателот на Мадагаскар, Андри Раџоелина (51), изјави дека ја распушта владата по протестите на младите во земјата, организирани од движењето „Генерација З“ поради ограничувањата на водата и електричната енергија, во кои, според Обединетите нации, загинаа најмалку 22 лица, а повеќе од 100 беа повредени, објави Ројтерс.
Протестите беа организирани од групата „Генерација З Мадагаскар“, која беше покрената на социјалните мрежи кон средината на септември од млади жители на Мадагаскар, од кои некои се во странство, објави „Ле Монд“.
Организацијата во соопштението ги осуди „постојаните прекини на електричната енергија и недостатокот на пристап до вода за пиење“, „системската корупција во институциите“ и „екстремната сиромаштија што влијае на голем дел од населението“.
Инспирирани од таканаречените протести на „Генерација З“ во Непал и Кенија, тридневните демонстрации претставуваат најголемо собирање на островот во Индискиот Океан во последните години и најсериозниот предизвик со кој се соочи Раџоелина од неговиот реизбор во 2023 година.
Властите на Мадагаскар воведоа полициски час од самрак до зори во главниот град Антананариво, откако протестите поради честите прекини на електричната енергија и водата станаа насилни.
Во последните месеци, главниот град на Мадагаскар се соочува со сè посериозни прекини на електричната енергија, делумно поради падот на нивото на водата во хидроелектричните брани за време на сувата сезона, но главно поради лошото управување од страна на националната компанија за вода и електрична енергија.
„Веќе не можеме да ги поднесеме прекините на електричната енергија – понекогаш траат и до осум часа на ден“, рече фрустриран 23-годишен студент по литература, пренесе N1.
Протестот во Непал, предизвикан од млади луѓе од генерацијата З, брзо стана смртоносен и доведе до пад на владата на 9 септември.
Привремената премиерка на Непал : Ќе работиме во согласност со размислувањето на Генерацијата З