Руските сопственици се подготвени да се откажат од контролниот пакет во Нафтената индустрија на Србија (НИС) и да ги продадат на трета страна откако беа воведени санкции од САД врз компанијата, изјави српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, пренесува Ројтерс.

Најголемиот поединечен акционер на НИС е „Газпром Нефт“, подружница на рускиот енергетски гигант „Газпром“, која управува со единствената српска рафинерија во Панчево и поседува 44,9% од акциите на компанијата. Само Газпром контролира дополнителни 11,3%, додека српската влада поседува 29,9% од акциите.

Хандановиќ потенцира дека руските сопственици на НИС испратиле барање до Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC), наведувајќи дека се подготвени да се откажат од контролата и влијанието врз НИС во корист на трета страна.

Одлуката би можела да го отвори патот за реструктуирање на сопственоста во една од клучните енергетски компании во Србија, која со години е заглавена помеѓу Москва и Брисел, особено по воведувањето санкции врз Русија поради војната во Украина. Тоа е исто така предуслов хрватската компанија „Јанаф“ да продолжи да испорачува нафта во Србија, што претставува важен дел од нејзините приходи.

ИЗДВОЕНИ