Додека во поголем дел од Балканот 40-часовната недела се смета за „зацементиран“ стандард, Словенија прави чекор напред со тоа што воведува нов модел на скратено работно време. Оваа вест го отвори прашањето за тоа дали е возможна примена на овој модел во Македонија, особено во услови на сè поголема примена на дигитализацијата и на вештачката интелигенција. Според познавачите на состојбите на пазарот на трудот, идејата за скратено работно време сè уште е во фаза на „дебата“. Иако Законот за работни односи дозволува полното работно време да биде и 36 часа неделно, во практиката голем дел од приватниот сектор функционира на строги 40 часа, а неретко и со неплатени прекувремени работни часови.
Експертот за трудово право и универзитетски професор, Лазар Јовевски, вели за весникот ВЕЧЕР дека треба сериозно да се размислува и да се разговара на оваа тема, дотолку повеќе што таа веќе станува актуелна, особено поради воведувањето на вештачката интелигенција и дигитализацијата во работните односи.
– Јас сум со одредена претпазливост за „копи-паст“ решенијата преземени од други земји, особено поради фактот што сè уште не ги знаеме словенечките искуства од примената на овој модел. Секако, словенечките искуства во оваа насока ќе бидат драгоцени и за нас. Инаку, како идеја, може да се размислува за примена на ваков модел за скратено работно време, но да се види дали може да се примени во Македонија, односно да се видат ставовите и на работодавците и на синдикатите. Во крајна линија, ако плаќаат работодавците 100 отсто од придонесите, а се работи со скратено работно време, односно 80 отсто од полното работно време, ќе треба, пред сè, да се добие согласност од бизнис-секторот – вели Јовевски.
Сепак, тој смета дека скратувањето на работното време е дел од сценариото за превенција од големи отпуштања од работа, особено поради сè поголемата примена на дигитализацијата и на вештачката интелигенција.
Од бизнис-секторот сметаат дека може да се примени ваков модел кај нас само во одредени технолошки сектори со поголема додадена вредност, но не и во секторите каде што производството зависи од бројот на работни часови.
– Беше пробано да се примени вакво решение и во Европа, односно да се усогласат потребите на компаниите со домашните потреби на работниците, но се покажа дека тоа ја намалува конкурентноста на тие компании. И во Германија имаше обид за примена на ваков модел, но набрзо сфатија дека не може да има социјална држава со скратено работно време – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи за весникот ВЕЧЕР.
Тој смета дека може да функционира овој модел во секторите со висока технологија, со примена на поголема дигитализација, каде што е потребна поголема креативност, а не мануелна работа. Но, во фабриките, каде што производството директно зависи од бројот на работни часови, не може да се примени ваков модел.
И Миле Бошков е на иста линија во однос на ова прашање, тој смета дека овој модел има големи придобивки и за работодавците, но тие сè уште не може да го разберат тоа и сметаат дека со скратено работно време повеќе губат отколку што добиваат.
– Во Македонија, околу 200-250 компании веќе применуваат ваков модел, но другите немаат можност да применат скратено работно време со исплата на 90 отсто од платите и плаќање на 100 отсто придонеси. Поголем дел од компаниите немаат капацитет да следат кој колку работи, колку им се исплати, кој е ефектот, дали се задоволни работниците и работодавците… Токму поради тоа, сметам дека не може да се примени ваков модел кај нас, бидејќи немаме капацитет како да го пресметаме тоа и менталитетот на работодавците е дека не е исплатливо тоа – вели Бошков за весникот ВЕЧЕР.
Новиот модел на скратено работно време што се применува во Словенија, вклучува три клучни елементи: 80 отсто работно време, 90 отсто плата и 100 отсто придонеси. Со други зборови, работниците добиваат повеќе слободно време без значителна загуба на приходот или на идните пензиски права. Право на моделот „80-90-100“ имаат работниците над 58 години или оние со најмалку 35 години стаж.
Словенија е меѓу првите земји во регионот што систематски воведува ваков вид на модел на работа. Искуството на земјата би можело да послужи како пример за другите земји од регионот, кои се соочуваат со слични демографски и пазарни предизвици.
Доколку биде успешен, моделот „80-90-100“ би можел да стане нова референција за идните реформи на трудот во Европа, особено во општествата што брзо стареат и во исто време се соочуваат со недостиг на работна сила.
(А. С.)












