Триесетгодишниот руски државјанин, Михаил Николаевич Шабуњин, кој беше осомничен за тројното убиство што се случи во понеделникот попладне на стрелиште во близина на Даниловград, по речиси 12 часа бегство, вчера, рано изутрина околу 3.35 часот, изврши самоубиство, откако полицијата го пронајде и го опколи во шумата над Херцег Нови.
– Полициските службеници ја лоцираа и ја изолираа активната закана. Откако беше опколен од полиција, Шабуњин отвори оган врз полицајците и изврши самоубиство, напиша на „Фејсбук“ министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Данило Шарановиќ.
Во понеделникот, околу 16:45 часот, Шабуњин пукал во три лица на стрелиштето „Чешка зброевка“, во близина на Даниловград. Тој ги убил 20-годишниот Немања Капор од Подготрица, неговиот сограѓанин, 24-годишниот Петар Глобаревиќ и 67-годишниот Момир Радоњиќ од Даниловград, вработени на стрелиштето. „Вијести“ објави дека од крвавиот поход на Русинот се спасил само газдата на стрелиштето, кој во моментот на нападот спиел во една од просториите на објектот. Според сознанијата на весникот, Шабуњин прво испукал неколку куршуми кон инструкторот Петар Глобаревиќ, па го застрелал во главата. Веднаш потоа, отишол во делот за изнајмување оружје, каде што го убил Момир Радоњиќ, а потоа и најмладата жртва, Немања Капор. Според „Вијести“, испукал неколку проектили кон сите тројца. Соговорник на весникот вклучен во истрагата рекол дека тој пукал со две оружја, со двете раце, но не прецизирал дали тоа го правел за време на злосторството или камерите за надзор го снимиле како вежба на тој начин.
По злосторството, Шабуњин украл од стрелиштето неколку парчиња оружје и муниција, а потоа и црн „сеат кордоба“, сопственост на една од жртвите, со кој избегал во Подгорица. Во населбата Рогами е пронајден автомобилот со кој избегал, а полицијата се сомнева дека таму фатил такси до Херцег Нови. Според некои информации, кога стигнал на дестинацијата, немал пари да плати за возењето, па таксистот му ги зел пасошот и мобилниот телефон.
Шќепановиќ изјави дека осомничениот бил на стрелиштето во Даниловград и во претходните денови. Откако полицијата ги објави неговите фотографии, дошле неколку пријави од граѓани кои го виделе на територијата на Даниловград во претходните денови, на брегот на реката Зета и на Пјешивац, каде што се претпоставува дека планинарел. Полицијата објави дека за шест дена, од 7 до 12 јули, Шабуњин ја преминал државната граница на Црна Гора осум пати, секогаш со автобус. Според „Вијести“, тој првпат влегол во Црна Гора на 7 јули, преку граничниот премин Добраково, а потоа влегувал и излегувал преку премините Ситница, Шќепан Поље и Враќеновиќи. Последен пат влегол во Црна Гора на 12 јули, преку Враќеновиќи, со автобус.
Полицијата соопшти дека во соработка со Вишото државно обвинителство во Подгорица, продолжува со активностите за да ги утврдат сите околности на овој настан, вклучувајќи ги причината и мотивот, и целосно да се разјасни целата ситуација. Според сегашните сознанија, тој нема криминално досие, но АНБ побарала меѓународни проверки за да се направи профил на убиецот. Владата на Црна Гора, поради тројното убиство во Даниловград, ги прогласи 1 и 2 септември за денови на жалост во државата.












