Со цел да се забрза реализацијата на проектот за изградба на интерконектор за природен гас помеѓу Македонија и Србија, во Белград меморандум за соработка потпишаа директорите на НОМАГАС и на „Србијагас“,Мухамед Елмази и Душан Бајатовиќ. Поврзувањето ќе се реализира од кумановско Клечовце до Врање во Србија  (Србија), при што, во рамките на проектот, се предвидува изградба на главна мерна станица на македонска територија и контролна мерна станица на српска страна. Пред еден месец е почнато со теренските активности за интерконекторот со Грција и според најавите, околу 10 јули се планира сечење на лентата за официјално да почнат работите

Во новиот акциски план за 2025 година „Стратегија на ЕУ за Јадранскиот и за Јонскиот Регион“, Македонија успеа да вгради два свои гасни проекта со соседна Србија и со соседна Грција, кои беа поддржани од Европската комисија. Тоа се проект за интерконекција со Србија и гасен интерконектор со Грција, со што со големи чекори ита кон тоа да стане транзитна земја за гас.

Со цел да се забрза реализацијата на проектот за изградба на интерконектор за природен гас помеѓу Македонија и Србија, во Белград меморандум за соработка потпишаа директорите на НОМАГАС и на „Србијагас“, Мухамед Елмази и Душан Бајатовиќ. Поврзувањето ќе се реализира од кумановско Клечовце до Врање во Србија  (Србија), при што, во рамките на проектот, се предвидува изградба на главна мерна станица на македонска територија и контролна мерна станица на српска страна.

Двата система за пренос на природен гас ќе ги поврзе гасовод во должина од 70 километри, од кои Македонија ќе треба да изгради 23 километри на своја територија, а Србија 47 километри. Во тек е изработка на студија за изводливост и проценка на влијанието врз животната средина, поддржана од Инвестициската рамка за Западен Балкан.

– Овој стратешки проект е од особено значење за двете држави. Ќе придонесе за зајакнување на енергетската безбедност во регионот, за унапредување на енергетската транзиција и диверзификација на правците на снабдување, за поефикасно балансирање на понудата и побарувачката на природен гас, како и за интеграција на регионалните гасни пазари – објави Елмази на „Фејсбук“.

Со овој меморандум е определен северниот излез на гасниот конектор. Што се однесува до јужниот влез, по 7 години застој, веќе е започнато со работа на гасоводната цевка со Грција, од каде што ќе доаѓа гасот. Пред еден месец, избраната фирма од Куманово почна со теренските активности и според најавите, околу 10 јули се планира сечење на лентата за официјално да почнат работите.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека новата Влада лани наследила завршен проект со потпишани договори, обезбедено финансирање, кое потоа било откажано затоа што заемодавателите одбиле да го финансираат поради тоа што во тендерската документација за избор на изведувач имало делови што укажуваат на корупција.

– Заемодавателите рекоа дека се повлекуваат или, пак, побараа да се коригира тендерската документација за да почне од почеток. Имајќи предвид дека е многу значаен овој интерконектор за иднината на државата, затоа што со него и со интерконекторот во соседна Србија и со крак до соседно Косово, ние стануваме многу значаен играч во делот на транзитот на енергенси, затоа што капацитетот на овој интерконектор е околу 3 милијарди кубни метри. Со оние што доаѓаат од исток, ќе дојдеме до 4 или 4,5 милијарди кубни метри, а ние, како држава, трошиме половина милијарда, значи 4 милијарди ќе транзитираат. Прв пат стануваме земја што ќе биде на мапата со транзит-држави на ваков вид енергенси и замислете, тие си играат 7 години и тендерот паѓа затоа што имало основ за корупција. Ние ја коригиравме тендерската документација, ја објавивме, избравме изведувачи, пративме до заемодавателите и тие дадоа зелено светло – изјави премиерот Мицкоски.

Тој очекува на крајот од 2026 или на почетокот од 2027 година конекторот со Грција да биде функционален и поврзан со националниот гасовод на Македонија. Новите количини се планирани за новите гасни централи во Скопје, но и низ државата.

Во најава нова инвестиција во Штип за производство на батерии и вработување на 150 лица

Во најава е нова инвестиција од 35 милиони евра во индустриската зона „Штип“ за производство на батерии, во која би се вработиле 150 лица.

– Во својот пик, за три години од денес, ќе извезува 300 милиони евра што ќе влезат во БДП. Ова е веќе договорено со инвеститорот, кој е од земја од Европската Унија – истакна Мицкоски.

Македонија чекори кон врвот со економски раст во првиот квартал

По долги години стагнација, Македонија чекори кон врвот со економски раст во првиот квартал, споредено со земјите од регионот.

– Добри се резултатите во рамките на Адрија Регионот. Конечно, по години стагнација и цврсто закотвени на дното, сега сме први. За многу кратко време се консолидираат работите. Зад нас се Хрватска со 2,9 %, Босна и Херцеговина, Црна Гора, па сè до Словенија, која има минусно салдо на растот од -0,7 %. Се надевам дека и во вториот квартал ќе продолжи така, барем првите индикатори од април и делумно од мај се во таа насока. Тоа би претставувало еден добар тренд и тоа значи дека, конечно, се консолидираме – вели премиерот Христијан Мицкоски.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ