Гаши за функционална, а не етничка локална власт, Сиљановска-Давкова за ограничен градоначалнички мандат: Време ли е за нов концепт во општините?

Додека во Собранието чекаат на усвојување повеќе промени во Законот за локална самоуправа, претседателката на државата предлага градоначалниците да можат да ги водат општините само осум години, а собранискиот спикер бара поинаков концепт за општините

43

Крајот на осмите локални избори може да донесе и почеток на промените во концептот на локалната самоуправа врзани со организацијата на општините. Откако синоќа претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, истапи со идејата да им се дозволи на општинските градоначалници да бидат на чело на општината само во два мандата од по четири години, денеска со заложби за промени во концептот на општините излезе и претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши. Според Гаши, организацијата на локалната самоуправа веќе „не треба да биде врз етничка база, туку врз база на функционалноста“. На вчерашниот брифинг со новинарите, Гаши одговори на прашањето дали по овие локални избори може да следува и промена на бројот на постојните 80 општини и Градот Скопје.

– Мислам дека организацијата на локалната самоуправа, на општините, треба да почива на база на функционалноста, а не врз етничка база. За жал, и на овие избори, се надевам дека ќе бидат последни како такви, се зборуваше за национални и етнички теми. Мислам дека сме прикрај со оваа фаза на истрошеност. Нам ни требаат функционални општини. Ни требаат општини што ќе бидат функционални од административен и од финансиски аспект, што ќе може сами да опстојат, да можат да собираат даноци и да ги опслужуваат граѓаните. За жал, оваа територијална поделба се донесе во 2004 година. Знаеме во каков контекст живееме тогаш поради рамковниот договор, воениот конфликт итн. Но, по 20 години треба да пристапиме кон друг концепт – потенцира Африм Гаши.

Познато е, пред 21 година, тогашните партнери во Владата, СДСМ и ДУИ, ги донесоа Законот за локална самоуправа и Законот за територијална организација, водејќи се првенствено од етничките, а не од функционалните критериуми. Таквата поделба постојано предизвикуваше тензии во изборниот период околу тоа во чии етнички раце ќе се најде локалната власт. На годинашниве локални избори, се појави тенденција за напуштање на концептот на етничкото гласање, што беше поздравено во јавноста.
Од друга страна, претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во гостувањето на емисијата „360 степени“ на МРТ порача дека треба да се размисли за ограничување на мандатот на градоначалниците на два мандата.

– Ако има граница во парламентарните системи, кај претседателите со церемонијални функции, кај нас системот на локална самоуправа се квалификува како квазипретседателски, со многу силни ингеренции на градоначалниците. Тогаш има опасност од, јас велам, во мала средина, бонапартизација, од силни ингеренции и од рефеудализација дури. Повеќе од дваесет години ние имаме исти градоначалници. Тоа некаде се нарекува републикански монархизам – потенцира Сиљановска-Давкова.

Дел од експертите за локална самоуправа изразуваат резерва за ваквиот предлог на претседателката на државата.

– Секогаш на изборите постои можност граѓаните да не  изберат градоначалник што ја злоупотребува власта. Од друга страна, ако некој градоначалник работи добро, зошто да не работи во повеќе мандати за доброто на општината? Во секоја општина имаме сè помалку добри кадри, кои може да раководат со нив поради иселувањето и слични причини – ни рече еден експерт за локална самоуправа ,кој сакаше да остане анонимен. (Б. Ѓ.)

Новите градоначалници чекаат на комунални редари

Според Африм Гаши, усвојувањето на блокираните промени во Законот за локална самоуправа зависи од партиите.

– Ако има добра волја, може пак да ги доставиме до пратениците и да ги донесеме. Ќе видиме, по реконструкција во Владата и изборот на нови министри, дали ќе има нов концепт или ќе се инсистира на овој закон. Мислам дека е најдобро да го изгласаме овој закон – нагласи Гаши.

Предложените промени предвидуваат воведување референдум на граѓаните за доверба во градоначалниците, воведување комунални редари, градски архитекти… а што треба да ја подобри состојбата во општините. Но, без усвојувањето на промените, новите градоначалници нема да можат да воведуваат комунални редари, ниту, пак, да стравуваат од разрешување преку референдум.

ИЗДВОЕНИ