понеделник, февруари 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Гаши: Во финална фаза се економскиот договор и втората рунда на дијалогот...

Гаши: Во финална фаза се економскиот договор и втората рунда на дијалогот за стратешко партнерство со САД     

Ги замолив американските партнери да ни помогнат и во делот на евроинтеграцијата, и со соседите и со главните нивни европски партнери, како што се најголемите европски држави Германија, Франција, Холандија, Шведска... Така што мислам дека беше во корист – нагласи првиот парламентарец

28

Во финална фаза се економскиот договор и втората рунда на дијалогот за стратешко партнерство со САД, изјави вчера Африм Гаши, претседателот на македонското Собрание. На брифингот со новинарите, тој одговори на новинарските прашања поврзани со неговото учество на молитвениот појадок во Вашингтон и средбите што ги имал во текот на посетата на САД, како предводник на собраниската делегација. На прашањето како гледаат САД на Македонија, Гаши рече дека посетата била мошне добра.

– Особено беше важна посетата на Стејт департментот, каде што разговараме за продолжување на стратешкиот договор со САД. Веќе се во финална фаза подготовките за втората рунда на дијалогот за стратешко партнерство со САД. Исто така, во финална фаза е и економскиот договор меѓу САД и нашата држава во однос на тарифите, економските релации што ги имаме. Така што – многу успешни средби и мислам дека оваа посета беше за доброто на државата и на граѓаните. Мислам дека направивме добра посета и дека ефектите ќе бидат позитивни – рече Гаши.

На прашањето како гледаат во Вашингтон на процесот на евроинтеграција на нашата земја, претседателот на македонското Собрание одговори дека ги замолил американските партнери за помош.

– На Македонија се гледа како на позитивен пример, особено од САД. Нè поддржуваат, мислат дека што побрзо треба да ни се отвори вратата за започнување на преговорите за членство во ЕУ. Ги замолив да ни помогнат и во тој дел, и со соседите и со главните нивни европски партнери, како што се најголемите европски држави  Германија, Франција, Холандија, Шведска… Така што мислам дека беше во корист – нагласи првиот парламентарец.

Во однос на најавите на премиерот Христијан Мицкоски и на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за „убави вести од САД“, Гаши одговори дека не добил најави за одреден датум во следниов период.

– Конкретно, не добив најави со денови или со месеци. Политичкото искуство ме има научено да не оперирам со конкретни бројки, особено не кога се зборува за комплексни прашања. Никогаш не можете да кажете одреден датум. Подобро е да работите на тоа и да очекувате што побрзо да се случи тоа отколку да давате најави. Очекуваме набргу да се реши тоа – рече Гаши.

На прашањето околу изборот на новиот американски амбасадор во Македонија тој рече дека било отворено и тоа прашање.

– Го отворивме и тоа прашање. Во наш интерес е да имаме што побрзо амбасадор од САД. До изборот на новиот амбасадор, функцијата ја врши заменик-амбасадор – рече Африм Гаши на брифингот.

Во текот на посетата на Вашингтон, Гаши, покај другите, се сретна и со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања при Стејт департментот на САД. Во соопштението од средбата тогаш беше објавено дека го реафирмирале „непоколебливото стратешко партнерство меѓу РС Македонија и САД“.

– Тоа е изградено врз заеднички демократски вредности, борбата против корупцијата и заложбата за мир и меѓународна стабилност. Разговаравме за актуелните геополитички случувања, безбедносните предизвици, како и за конструктивната улога на нашата земја како фактор на стабилност на Западен Балкан. Го информирав за напорите на РС Македонија за целосна интеграција во ЕУ и ја изразив благодарноста за континуираната поддршка на САД во процесот на реформи. Оваа средба ги потврди силните билатерални односи, насочени кон иднината, со заедничка визија за демократија и просперитет – соопшти тогаш Африм Гаши.

Декларација за стратешко партнерство и соработка помеѓу САД и Македонија е потпишана на 7 мај 2008 година, во Вашингтон, од тогашниот македонски министер за надворешни работи, Антонијо Милошоски, и тогашната државна секретарка на САД, Кондолиза Рајс. Ова е најважниот документ во односите меѓу САД и Македонија. Во декларацијата се наведува дека САД продолжуваат да ги поддржуваат безбедноста, стабилноста и економскиот развој на Македонија. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ