Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, денеска се обрати на Форумот за безбедност посветен на темата „Инвестирање од 5 проценти во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и членови на Конгресот на САД, со фокус на глобалната безбедност и зајакнување на трансатлантската соработка – соопшти собраниската прес служба.
Во своето излагање, Гаши истакнал дека нашата земја останува целосно посветена на НАТО, со убедување дека безбедноста денес е заедничка обврска.
Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници и ги исполнува преземените обврски. Партнерството го докажуваме преку дела, порачал Гаши, додавајќи дека за земјите од Балканот, стабилните институции, инвестициите во одбраната и интероперабилноста се клучни за колективната безбедност.
Гаши потенцирал дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави, повикувајќи се на пораките за единство на поранешните американски претседатели Џон Ф. Кенеди и Џорџ В. Буш.












