Гаши ги распиша локалните избори, првиот круг на 19. октомври

26
Foto: P.Stojanovski

На осмите по ред локални избори во Северна Македонија, ќе се бираат градоначалници и советници во сите 80 општини и во Градот Скопје. Државата за овие избори предвиде 9,7 милиони евра. Голем дел од кандидатите веќе се познати. Кампањата официјално ќе започне 20 дена пред денот на гласање.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска (9 август) ги распиша локалните избори во Северна Македонија на кои треба да се изберат градоначалници и членови на советите на сите 80 општини и Градот Скопје.

„Изборите не се прост технички процес, туку се суштината на нашата демократија. Тие претставуваат реална можност граѓаните да изберат водачи кои одразуваат одговорност, визија и посветеност кон јавниот интерес“, изјави Гаши.

Денот на гласање во првиот круг ќе биде 19 октомври 2025, додека вториот ќе се одржи две недели подоцна, на 2 ноември.

Во првиот круг треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил мнозинство гласови под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина. Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.

Гаши бара да нема притисоци и злоупотреби од партиите

Гаши во изјавата по распишувањето на изборите порача дека очекува претстојниот изборниот процес да биде доказ за демократска зрелост и да биде одраз на волјата на граѓаните, а не на манипулациите.

Тој упати повик до сите политички сили, кандидати и соодветни структури „да покажат висок степен на политичка култура“.

„Да избегнуваат каква било форма на притисок, разделбен говор и секој обид за инструментализација на институциите и на јавните ресурси за партиски интереси. Ова е процес што треба да се фокусира на граѓанинот, на неговите реални потреби и предизвици, и на конкретните решенија што секој кандидат треба да ги понуди“, наведе Гаши.

На овие избори, потенцира Гаши, неопходно е да ги покажеме европските вредности и стандарди за да ја одразиме нашата непоколеблива посветеност кон интеграцијата.

Според бројот на учесници, изборната администрација, вклучувајќи ги и вработените во Државната изборна комисија (ДИК), локалните избори се најголеми и најмасовни. Во државната каса за нив, годинава се предвидени 9,7 милиони евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.

Ова ќе бидат осми по ред локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година. Претходните седум се одржаа во: 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.

Изборни правила и рокови

Според изборните правила, 15 дена по распишување на изборите започнува 20-дневниот увид во Избирачкиот список. Во тој период полнолетните гласачи ќе можат да ги проверат своите податоци во него и доколку имаат забелешки или измени на податоци за место на живеење да побараат корекција.

Кандидатурите односно листите со советници се потврдуваат 30 дена пред изборите, а кампањата почнува 20 дена пред тоа.

Според Изборниот законик од денеска (9 август) е забрането вработување на нови административци во државните и јавните институции. Од распишувањето на изборите Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовните плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страница во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.

Голем дел од кандидатите веќе се познати, ќе има и меѓусебна поддршка на партиите уште во првиот круг

Иако кадидатурите Државната изборна комисија (ДИК) треба да ги потврди 30 дена пред изборите, парламентарите партии застапени во македонското Собрание веќе ги објавија најголем дел од кандидати. Останатите се очекува да ги соопштат крајот на август или почетокот на септември.

Најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ во најголем дел од општините ќе ги кандидира актуелните градоначалници. Меѓу објавените кандидати има и актуелни и поранешни министри, бивши пратеници, директори…

Така, веќе е познато кој ќе ја бие битката во Скопје за најголемите партии, иако се очекува во наредниот период да се објават уште неколку кандидатури од останатите партии.

За прв човек на главниот град од ВМРО-ДПМНЕ ќе трча актуелниот градоначалник на скопската општина Кисела Вода, Орце Ѓорќиевски, додека од СДСМ негова противкандидатка ќе биде поранешната министерка за животна средина, Каја Шукова.

Кандидати за Градот Скопје објавија и двете најголеми коалиции од албанскиот блок. Владиниот партнер ВЛЕН (Вреди) го промовираше директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe, Башким Бакиу. Опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ, пак, го претстави пратеникот Скрендер Реџепи – Зејд, кој е дел од оваа коалиција.

Меѓутоа, најинтересна битка меѓу албанските партии се очекува да се води во скопската општина Чаир. Таму ќе се спротистават првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити од ВЛЕН (Вреди) и поранешниот министер за надворешни работи и претседателски кандидат на ДУИ на минатогодишните избори, Бујар Османи.

Во дел од општините, со мнозинско население од албанска националност, се очекува двете најголеми партии од македонскиот блок ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ воопшто да не објават кандидати – како Чаир, Сарај, Тетово, Струга, Желино, Гостивар и Дебар.

Се очекува ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи дел од кандидати на ВЛЕН за овие општини, а за возврат да добие поддршка во други општини каде ВЛЕН ќе нема кандидати.

Најголемата владејачка партија и третиот коалициски партнер во Владата, ЗНАМ, исто така изминатиот период водат разговори за меѓусебна поддршка уште во првиот круг.

Независните формираат партии за да може да учествуваат на избори

Со свои кандидати за градоначалници и советници се очекува да настапат и граѓанските активисти кои на минатите избори настапија со независни листи поддржани со потписи од граѓани.

Меѓутоа, дел од нив објавија дека за да може да учествуваат на претстојните локални избори ќе формираат партија. Така, со собирање 1.000 потписи – потребни за основање партија, веќе започна иницијативата Зелен Хуман Град која на минатите избори освои советнички места во Градот Скопје.

Друга партија, пак, заднички ќе формираат и иницијативите „Шанса за Центар“, „Независните за Карпош“ и „Зелените од Газа Баба“.

За формирање политичка партија тие се одлучија откако првично минатата година пратениците изгласаа законски измени со кои го кренаа прагот за собирање потписи за независните листи.

Законските измени беа оспорени, а Уставниот суд ги укина во мај годинава.

Со тоа се отвори дилема дали сега воопшто може да учествуваат на избори со оглед дека не постои член во законот што се однесува на бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати.

ДИК ќе набавува сервери и систем за складирање податоци

Во меѓувреме, додека и партиите и граѓанските активисти се подготвуваат за изборите, Државната изборна комисија (ДИК) донесе упатство за избор за именување на претседател, членови и нивни заменици во избирачките одбори, чии мандат истече годинава. Тоа значи дека до крајот на овој месец ДИК ќе го заврши случајниот избор на членовите на избирачките одбори од редот на администрацијата. За 3.500 избирачки места треба да бидат избрани 21.000 лица од администрацијата.

Тие во септември ќе поминат комплетна обука за спроведување на изборите и ќе им бидат поделени прирачници. Дополнително ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Вреди, како партии односно коалиција со најголем број гласови на минатите избори, во септември, согласно роковникот, треба да номинираат 14.000 членови за избирачките одбори.

Дополнително ќе се менуваат избирачките места, односно ќе се адаптираат за да не се надмина бројката од илјада гласачи во едно избирачко место. Промените се однесуваат на избирачки места во општините Гостивар, Кисела Вода, Чаир, Струмица, Куманово и во Тетово, каде што ќе се изврши нова распределба на гласачите – без да се менува вкупниот број на избирачки места.

„Овие одлуки се дел од подготвките за одржување на изборите во согласност со Изборниот законик и со цел обезбедување фер и ефикасен изборен процес“, соопшти ДИК.

Во пресрет на локалните избори ДИК ќе набавува и сервер за системскиот и софтверскиот оддел, како и систем за складирање на податоци, исто така, наменет за серверскиот оддел на Комисијата.

Според Изборниот законик, локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. Локалната самоуправа е организирана во 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Во состав на Градот Скопје функционираат 10 општини, кои имаат поделени надлежности со Градот.

ИЗДВОЕНИ