Природниот гас како преодно решение и топлинските пумпи како најчиста алтернатива, според експертите, се клучни за намалување на загадувањето на воздухот. Експертите посочуваат дека топлинските пумпи се најбрзо решение, додека гасификацијата носи ризици за енергетската безбедност. – Недовршената гасификација и бавната примена на чисти технологии го продлабочуваат проблемот, смета експертот Ристо Цицонков

 

Аерозагадувањето останува еден од најсериозните проблеми во Скопје и во другите градови низ државата, а според експертските анализи, главниот извор на загадениот воздух е греењето на домаќинствата и објектите во кои престојуваат луѓе. По огревното дрво и градската топлификација, како опции за греење, во фокусот сè почесто се ставаат природниот гас и топлинските пумпи.

Природниот гас – решение без локално, но не и без глобално загадување

Иако во јавноста често се перципира како „еколошко“ гориво, природниот гас е фосилно гориво кое при согорување емитува јаглерод диоксид – еден од главните причинители на климатските промени.

– Сепак, негова предност е што не создава локално загадување, поради што во минатото беше разгледуван како преодно решение. Во повеќе европски земји, употребата на природен гас е веќе забранета за нови системи за греење – вели професорот на Машинскиот факултет, Ристо Цицонков.

Гасоводот до Скопје беше изграден уште во 1998 година, но со децении се користеше минимално, главно од индустриски потрошувачи и јавни објекти. Недостигот од дистрибутивна мрежа доведе до тоа искористеноста на системот долго време да биде под 15 проценти, а и по изградбата на когенеративната централа „Те-То“ достигна само околу 35 –40 проценти од капацитетот.

– Во меѓувреме, според официјални податоци, околу 4.000 лица годишно умираат како последица на загадениот воздух, што го отвора прашањето за одговорноста на институциите и недовршените инфраструктурни проекти. Иако беа потрошени повеќе од 143 милиони евра за магистрална гасоводна мрежа, таа сè уште не е целосно функционална – вели Цицонков.

Актуелната Влада најавува нов инвестициски циклус во гасификацијата, со планирана инвестиција од една милијарда евра, која вклучува изградба на секундарна гасоводна и топловодна мрежа, како и когенеративни централи со вкупен капацитет од 500 мегавати. Цицонков, сепак, предупредува дека државата мора да задржи доминантен сопственички удел во ваквите капацитети за да ја заштити енергетската безбедност и да избегне зависност од скапа увозна електрична енергија.

– Странскиот инвеститор ќе ја продава електричната енергија на отворен пазар, а тоа е многу висока цена по која РМ ќе ја купува струјата произведена во сопствената земја. Со оглед и на ранливата состојба во РЕК Битола, постои ризик за енергетска безбедност на земјата. Во секој случај, штом биде изградена дистрибутивна мрежа за гас, пожелно е оние корисници што користат мазут, нафта и огревно дрво да преминат на користење гас ако имаат услови за тоа – препорачува професорот.

Топлинските пумпи – најбрзо и најчисто решение

Како најефикасно и најбрзо решение за намалување на аерозагадувањето, експертите ги посочуваат топлинските пумпи. Станува збор за системи кои ја користат топлината од воздухот, водата или земјата и ја пренесуваат во просториите за греење, при што трошат три до пет пати помалку електрична енергија од класичните електрични грејачи.

– Најчесто се применуваат системите воздух – воздух, познати како инвертер клима-уреди, но сè поголем интерес има и за системите воздух – вода и вода – вода, кои овозможуваат и производство на санитарна топла вода со значително помала потрошувачка на струја. Топлинските пумпи се користат и за индивидуално и за централно греење на згради, па дури и за топлификација на цели населби – вели Цицонков.

Најголема предност на топлинските пумпи е што при работа немаат штетни емисии, односно не создаваат локално загадување. Со оглед на енергетската транзиција кон обновливи извори, Цицонков смета дека тие претставуваат и долгорочно решение со минимални или нулта емисии на стакленички гасови. Токму затоа, Меѓународната агенција за енергија најавува дека иднината на греењето ќе се темели токму на топлинските пумпи.

– Иако постојат субвенции за клима-уреди, тие опфаќаат мал број корисници, поради што се наметнува потребата од посериозна државна стратегија и јавна промоција на овие системи – вели Цицонков.

Потреба од стручен и системски пристап

Анализите покажуваат дека аерозагадувањето може значително да се намали и без чекање на долгорочни гасни проекти, преку поширока примена на чисти и енергетски ефикасни технологии за греење. Но, решавањето на проблемот бара координиран, стручен и долгорочен пристап, со јасни политики и институционална поддршка.

– Прашањето што останува отворено е дали државата располага со доволно стручен капацитет и визија за да одговори на еден од најсериозните еколошки и здравствени предизвици на денешницата – смета Цицонков.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ