
Фудбалерите на Челзи остварија минимална победа против Бенфика во Лигата на шампиони на домашен терен, а шанса да игра од првата минута доби и Алехандро Гарначо.
Аргентинецот одигра многу добар натпревар и сè повеќе покажува дека Челзи не погреши што го донесе од Манчестер Јунајтед за време на летниот преоден рок.
Гарначо ја заврши кариерата во Манчестер Јунајтед неславно бидејќи падна во немилост на менаџерот на овој тим, Рубен Аморим, откако загуби од Тотенхем во финалето на Лигата на Европа.
По тој натпревар, тој беше повеќе од бесен и не се плашеше да каже што мисли.
„До финалето играв секое коло за да му помогнам на тимот да стигне до тука, а сега играв само 20 минути, навистина не знам…“ изјави Гарначо во тоа време.
Токму тие зборови го чинеа, а Аморим му рече да си најде нов клуб, а истото беше и со Џејдон Санчо, Маркус Рашфорд, Антони и Маласија.
По натпреварот против Бенфика, Гарначо повторно застана пред камерите и зборуваше за своите последни денови на „Олд Трафорд“.
„Тоа беа тешки моменти за мене, бев сам, тренирав сам. Но, немам ништо лошо да кажам за клубот, мојот поранешен клуб Манчестер Јунајтед. Тоа беше грд момент во мојот живот, но сега сум среќен што сум тука и што играм во ова натпреварување и што освоив три бода. Кога бев мал сонував да играм во Лигата на шампионите и сега тоа се оствари. Ги освоивме големите три бода, ни беа потребни по поразот во првиот натпревар, па затоа сме среќни“, изјави Гарначо.











