Американскиот претседател Доналд Трамп сè уште размислува за можен американски напад врз Иран, бидејќи не е убеден дека таканаречената бомба „bunker buster“ навистина би го уништила клучниот нуклеарен објект во Иран, Фордо, објави „Гардијан“, повикувајќи се на повеќе извори запознаени со разговорите во американската администрација.
Трамп, според „Гардијан“, им рекол на претставници на Пентагон дека воениот напад би имал смисла само ако постои гаранција дека GBU-57, бомба од 13,6 тони, може целосно да го уништи објектот, кој се наоѓа длабоко под земја. Иако му беше објаснето дека нападот најверојатно ќе го елиминира Фордо, претседателот сè уште не даде зелено светло, надевајќи се дека заканата од американско вмешување ќе го принуди Техеран да преговара.
Фордоу се смета за критичен дел од нуклеарната програма на Иран, особено откако Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) утврди дека објектот збогатува ураниум до чистота од 83,7 проценти – многу блиску до границата од 90 проценти потребна за производство на нуклеарно оружје.
„Гардијан“ забележува дека уништувањето на Фордо – без разлика дали преку дипломатски средства или со воздушен напад – во Вашингтон би се сметало за клучна цел во запирањето на нуклеарната програма на Иран.
За разлика од Соединетите Американски Држави, Израел нема капацитет да изврши таков напад: нема бомби со доволен потенцијал за пенетрација и нема авиони што би можеле безбедно да достават таков товар на таква длабочина. Затоа, евентуалниот напад врз Фордоу неизбежно би барал директна воена интервенција на САД.