петок, јануари 23, 2026
Дома БАЛКАН Гардијан: Загадувањето на Балканот е најголемо во Европа, во Сараево еден од...

Гардијан: Загадувањето на Балканот е најголемо во Европа, во Сараево еден од загадувачите е „мирисот на скара“

22

Нова студија покажува дека загадувањето со ситни честички во воздухот на Балканот во текот на зимата е највисоко во Европа, а во одредени денови меѓу највисоките во светот. Научниците предупредуваат дека нивоата на загадување често се повисоки отколку во Пекинг, објавува „Гардијан“.

Професорот Андре Превот од Институтот „Пол Шерер“ (PSI) во Швајцарија изјави дека концентрациите на честички во зима во балканските земји се алармантни.

„Во зима, загадувањето со честички на Балканот е највисоко во Европа. Нивоата често се повисоки отколку во Пекинг, а во некои денови се меѓу највисоките во светот. Количините на сулфур диоксид можат да бидат повеќе од 30 пати повисоки отколку во Западна Европа“, рече Превот.

Според проценките, околу 3.300 луѓе годишно умираат предвреме во Босна и Херцеговина поради изложеност на загадување со честички.

За да добијат реална слика за загадувањето, истражувачите на PSI не се потпираа на мерења од една локација. Наместо тоа, користеа специјално опремено комбе со најсовремени сензори и возеа неколку круга низ Сараево во текот на зимата. Секоја рунда траеше околу 90 минути, а имаше и до шест дневно.

„Еден од најтешките делови од истражувањето беше стоењето во сообраќај со часови, возењето низ тесни улички и нагоре-надолу“, рече Мајкл Бауер од PSI. Во некои вечери, смогот беше видлив со голо око. Чадот од дрво и јаглен можеше јасно да се почувствува во станбените области, а во центарот на градот мирисите на скари, особено ќебапи“, вели Бауер.

Истражувачите анализираа само дел од мешавината на загадувачки честички, но дури и тие нивоа ги надминаа дневните упатства на Светската здравствена организација дури 66% од времето, честопати повеќе од осум пати.

Најзагадени беа станбените области, каде што доминира греењето со цврсти горива – дрво, јаглен, па дури и отпад, со високи концентрации на канцерогени полициклични ароматични јаглеводороди.

Студијата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) од 2023 година препорача подобра изолација на зградите, централно греење, топлински пумпи, контрола на печките и зајакнување на јавното информирање. Беа идентификувани девет приоритетни зони во Сараево.

„Нашите резултати ги потврдуваат тие приоритети, рече Бауер. Плановите за намалување на греењето со цврсти горива за 90% во овие зони до 2033 година се апсолутно неопходни. Дури и после тоа, другите извори на загадување остануваат важни и не смеат да се занемарат“, вели Бауер.

Проблемот е дополнително влошен од застарениот возен парк. Просечното возило во Сараево е старо 19 години, а околу 10% од автомобилите се произведени пред воведувањето на современите европски стандарди за емисии. За споредба, просечниот автомобил во Велика Британија е стар околу 10 години.

Во самиот центар на Сараево, подготовката на храна во рестораните е значаен извор на загадување.

„Готвењето не е занемарлив придонес кон загадувањето во центарот на градот, бидејќи греењето е помалку распространето таму“, рече Бауер.

„Мирисот на скарата во центарот на градот беше неверојатен. Некои денови се чувствуваше како северна Индија – речиси можевте да го почувствувате вкусот во устата“, наведе, пак, Превот.

ИЗДВОЕНИ