Кусо траеше радоста на македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер, по победата на домашен терен над Пик Сегед во Лигата на шампионите, затоа што истиот противник им наплати на битолчани со камата во реваншот одигран на гостински терен во рамките од 8. коло од најквалитетното клупско ракометно натпреварување.
Македонскиот шампион на гостувањето во Сегедин, загуби со 35:20. Унгарскиот тим одлично си ја завршил задачата кога се работи за анализата на играта на пелистерци. Тимот на Гарабаја беше во негатива од самиот старт, до самиот крај. Егал беше само на почетокот, кога голманот Хаидаридад бранеше според планот, тоа беше до 3:3, а потоа се се промени и контролата до самиот крај на мечот ја имаше домашниот тим.
Тренерот Рубен Гарабаја по мечот кажа дека постојат три клучни причини за високиот пораз на гостувањето во Унгарија.
„Минатата недела нашите голмани имаа дури 50% успешност во одбраните, а такво нешто не успеавме да го повториме. Нашата одбрана беше послаба. Не браневме еден на еден ситуации, исто така бевме и слаби во два на два. Не успеавме да го неутрализираме и Лазар Кукиќ и тие се клучните фактори кои влијаеја на нашиот убедлив пораз денеска“, рече Гарабаја.
Левиот брек на битолчани, Ник Хенигман, кој е поранешен играч на ПИК Сегед, а во новиот клуб Еурофарм Пелистер не успеа да ја повтори минатонеделната партија и да се радува на победа. По поразот кажа дека одбраната и голманот Миклер ја направиле разликата.

„Убаво беше пак да се вратиш во Сегедин, тука имав четири прекрасни години. Убаво беше што пак ги видов навивачите и старите пријатели. Околу мечот, не бевме доволни силни да ја оствариме целта. Нашата одбрана не функционираше, а Роланд Миклер имаше страшен ден. Нашите потешкотии беа очигледни, мора да работиме на нив“, изјави Хенигман.
Најдобри стрелци на натпреварот беа Фримел и Кукиќ, двајцата дадоа по седум гола, но сигурно дека главна алка во победата на унгарскиот тим беше голманот Миклер кој имаше двоцифрен број одбрани. Кај Еурофарм Пелистер, Манасков, Атанасијевиќ и Хаџиќ дадоа по три гола.
Еурофарм Пелистер останува во борба за нокаут-рундата на ЛШ, а главен ривал е ГОГ Гудме од Данска кој има една победа повеќе.












