Уникатен спој на фолклорот, традицијата и идентитетот! Наредниот викенд, од 11 до 13 јули, ќе се одржи годинашното издание на традиционалната „Галичка свадба“, под покровителство на претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. Овој пат зет е Јован Филипоски, потомок на старо галичко семејство, а невеста е Лилјана Михајлоска. За двајцата важи добро познатото правило: да се среќни и бериќетни, да се ќердосает, в година да сме им на крштавка!

Дуле МИЌИЌ

„Галичка свадба“, една од најавтентичните културни, но и забавни манифестации во Македонија и пошироко, влегува официјално во ризницата на светските настани. Таа е богатство на македонскиот народ. Во текот на тридневната разновидна програма, сите што ќе дојдат ќе бидат сведоци на мошне интересна народна веселба, исполнета со сите адети. Организатор е Месната заедница Галичник. Честитајќи им на годинашните младенци Јован и Лилјана, претседателот на Заедницата, Огнен Караѓозовски, меѓу другото, истакна: „Радува фактот што секоја година се зголемува интересот кај младите генерации да бидат дел од ‘Галичка свадба’. Тоа, за нас, претставува најсилен доказ дека обичаите и културното наследство се темел на нашиот идентитет, на сегашноста и на иднината“.

Првиот ден ќе биде обележен со китење на бајракот и со фрлање пушка. Потоа е пречекот на „топаните“, кои се движат кон куќата на зетот, каде што се играат „Свекрвино оро“, „Невестинско“ и „Тешкото“ од страна на националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред прочуената чешма Упија. Вториот ден, во недела рано наутро, се оди на гробишта кај најмилите, а зетот е на чело на поворката. Откако ќе се вратат од гробиштата каде што почиваат оние што нè донеле и нè исчувале на овој свет, се практикува народниот обичај специфичен за оваа свадба – бричење на зетот, со што неговите најблиски „липаат“ затоа што тој се „одделува“ од семејството и се приклонува кон нов живот со невестата. За венчавањето во црква, главни се свекорот и свекрвата. Свекрвата во едната рака носи котле со вода, а во другата китка босилек, прскајќи ги младите. На крајот од церемонијата, се испраќаат зурлаџиите и тапанџиите, додека свекорот ги дарува со пари. Венчавањето на младенците се одвива во храмот „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник.

Оние што сè уште не биле на еден ваков настан, значаен и за туристичкиот сектор, ќе треба да го направат тоа бидејќи не се свесни што пропуштаат.    И во никој случај нема да зажалат за одвоеното време. Затоа, во Галичник, на падините на планината Бистра, во јули, секогаш има многу туристи од целиот свет. По повод овој општонароден настан, во просториите на „Пивара Скопје“, традиционално, се одржа прес- конференција на која, покрај новинарите, присуствуваа и луѓето од организацијата.

Самите тие, невестата и зетот, беа искрено вистински воодушевени од заинтересираноста на медиумите. Ним им се оствари желбата. Тие ќе го кажат своето топло „да“ во живописниот Галичник, а и пред Бога ќе се заколнат на вечна љубов и на светла иднина, исполнета со смеа од многу златни, здрави, радосни дечиња. Велат дека постојано се позитивно вознемирени.

За сите оние што ќе тргнат, на овие тропски горештини, накај Галичник, многу важно е да знаат дека ќе биде воспоставен специјален сообраќаен режим. Организаторот апелира алкохолот да се консумира само во разумно количество.

– Пијан никој да не помислува да вози и, секако, секој да се грижи за зелената околина на уникатниот Галичник – порачуваат од организацијата.

Секако, треба да се истакне и тоа дека оваа манифестација годинава започнува со ексклузивна, премиерна изведба на монодрамата во чест на 150 години од издавањето на „Тријазичникот“ на Ѓорѓија Пулески, која ќе биде изведена на мијачки дијалект. Севкупната програма ќе биде емитувана преку видеоекран на централното плато во селото, како и во живо, на социјалните мрежи.

 

 

ИЗДВОЕНИ