Причина за смртта на новороденчето кое почина на Клиниката за гинекологија е респираторна инсуфициенција на респираторниот стрес синдром односно незрелост на белодробието, информираа од ГАК. Обдукцискиот извештај покажал дека нема физичка повреда на било кој од органите, стои во информацијата од Клиниката. Оттму посочуваат дека по добиените резултати од обдукцијата, семејството на новороденчето е повикано за лично да се запознае со сите детали од наодот.
– По добивањето на резултатот од страна на Клиниката, семејството е уредно повикано со цел лично да бидат информирани за сите деталите од наодот. За понатамошниот тек на случајот Министерството за здравство формираше стручна комисија со цел целосно расчистување на случајот и лоцирање на евентуални неправиности во лекувањето на новороденото. Согласно заклучокот, Клиниката ќе постапи по сите правни процедури пропишани за евентуално поведување на дисциплинска постапка во рамките на дозволениот временски рок. Како установа изразуваме длабока жалост, а воедно сочувствуваме со болката и загубата на семејството. Вработените на ГАК секојдневно се борат за животите на многу деца, но за жал се случуваат и загуби кои ги доживуваме не само како професионална, туку и емотивна загуба, стои во информацијата од ГАК.
Претходно, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција, министерот за здравство Азир Алиу рече дека веќе е формирана стручната комисија и замоли да не се прави сензација од случајот и да се причекаат резултатите од сите релевантни институции.
– Државниот здравствен и санитарен инспекторат веќе заварши со процедурите, имаше и прес-конференција. Таму не се детектирани административни процедури кои не се имплементирани. Исто така Комисијата е формирана. Да ги причекаме резултатите и од обдукцијата за да ги сумираме сите резултати и ќе има информација, рече Алиу.
По објавата дека на ГАК е починато новороденче, беше извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој контатираше дека причина за смртта е масивен пнеумоторакс и едем на мозокот. Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, потврди дека од министерот за здравство е иницирано формирање комисија за стручен надзор, која треба да утврди дали има пропусти во третманот и лекувањето на починатото дете на Клиниката за гинекологија и акушерство.












