Пејачката Габи Новак, која почина на 11 август на 89-годишна возраст, беше погребана во семејната гробница во загрепскиот Мирогој, покрај нејзиниот сопруг Арсен Дедиќ, синот Матија и мајката Елизабета Рајман.
Погребот се одржа во понеделник во тајност, во семејниот круг, во согласност со желбите на Габи Новак, а нејзината урна беше поставена во семејната гробница во Мирогој, пренесува Танјуг.
Габи Новак претрпе големи загуби во последните години од својот живот.
По загубата на сопругот, композиторот Арсен Дедиќ, во 2015 година, нејзиниот син Матија (52), познат хрватски џез пијанист, исто така почина на почетокот на јуни оваа година.
Габи Новак е родена на 8 јули 1936 година во Берлин, ќерка на Ѓуро Новак од Хвар и Елизабета Рајман од Германија.
Нејзината пејачка кариера започна во 1958 година во Љубљана, кога настапуваше со оркестарот „Бојан Адамич“.
Таа стана едно од најпознатите имиња на музичката сцена на поранешна Југославија, градејќи репертоар што вклучуваше џез, свинг, француска шансона и поп-музика.