Фудбалскиот клуб „Брегалница“ од Штип добива нов инвеститор

133

Фудбалскиот клуб „Брегалница“ добива нов инвеститор. Одлуката за продажба на клубот ја одобрија штипските советници, а градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, образложи дека откако ќе ги купи акциите од поранешниот инвеститор, Кирил Гогов, 85 проценти од нив ќе продаде на турски инвеститор.

Тој посочува дека новиот инвеститор се обврзува да почитува одредени услови, односно во името на клубот да ја има именката „Брегалница“, без можност за преместување на седиштето во друга општина, односно држава. Исто така, ФК „Брегалница“ мора да се натпреварува во Првата или во Втората фудбалска лига, а сите трошоци се на грбот на купувачот. Тековното одржување на градскиот стадион и на придружните стадиони е обврска на купувачот, како и плаќањето струја и вода.

– Во минатото, до денес, со постојниот договор, Општина Штип имаше обврска да ѝ исплаќа на ФК „Брегалница“ од парите на граѓаните за финансирање на професионалниот спорт, од 7 до 9 милиони денари. Со новиот договор, Општина Штип повеќе ја нема оваа обврска. Со новиот договор, името „Брегалница“ останува обврска на инвеститорот да не се променува. Општина Штип досега имаше обврска за одржување на фудбалскиот терен, а со новиот договор, тоа е обврска на инвеститорот – изјави Јорданов.

Со продажбата на ФК „Брегалница“, инвеститорот има должност да го модернизира стадионот, со што граѓаните на Штип ќе добијат модерен фудбалски храм.

ИЗДВОЕНИ