Шпанските медиуми експресно го „запалија“ фудбалскиот свет и ги поделија навивачите на Бетис. Имено, во центарот на вниманието се најде колумбискиот фудбалер Нелсон Деоса, чие отсуство од теренот од четири натпревари по ред отвори простор за бројни шпекулации. Иако нема официјално објаснување од клубот, дел од медиумите понудија прилично контроверзна верзија.
Според тие тврдења, проблемот не е ниту форма ниту повреда, туку приватниот живот. Наводно, Деоса е во врска со ќерката на легендата на клубот, Хоакин Санчез, кој денес има советничка улога во Бетис. Станува збор за неговата ќерка Даниела, која неодамна стана полнолетна.

Токму овој детаљ, според изворите, можеби влијаел на статусот на играчот во тимот. Сепак, важно е да се нагласи дека нема никаква официјална потврда за овие информации, ниту, пак, доказ дека има врска приватниот живот со неговото изоставување.
Во меѓувреме, навивачите се поделени – едни сметаат дека ваквите работи не смеат да имаат влијание врз професионалниот фудбал, додека други веруваат дека ваквите ситуации може да ја нарушат атмосферата во соблекувалната.
Деоса молчи, клубот не коментира, а мистеријата останува. Дали станува збор за обична ротација или за нешто многу подлабоко – засега е непознато.
Дваесет и шестгодишниот играч за врска оваа сезона има седум настапи во Ла Лига, откако минатото лето пристигна од Монтереј, но неговата иднина во тимот сега изгледа неизвесна.











