Непознат сторител извршил монструозен чин, фрлајќи куче од Железничката станица во Скопје. Повикот за оваа крајно вознемирувачка случка стигнал до јавното претпријатие „Лајка“, но и покрај обидите да биде спасено, кучето умрело. Оттаму велат дека овој инцидент повторно потсетува до каде може да оди човечката суровост.

– Нашиот тим веднаш интервенираше и го префрли кучето во амбуланта, каде што беа вложени максимални напори од страна на нашите доктори. За жал, и покрај сета борба, Нори, куче што уште во 2023 година помина третман кај нас, го загуби животот поради силно внатрешно крвавење – соопштија од ЈП „Лајка“.

Нори честопати била гледана на повеќе локации во градот и, според сите сознанија, се работело за питомо и мирно куче, кое никому не му пречело. Од ЈП „Лајка“ уверуваат дека овој бесправно и сурово одземен живот нема да остане незабележан.

– Настанот веднаш ќе биде пријавен до надлежните институции, до кои апелираме да ги искористат сите механизми за пронаоѓање и за санкционирање на сторителот на ова тешко кривично дело – велат од ЈП „Лајка“.

Притоа, ги охрабруваат граѓаните доколку се сведоци на вакви дела, веднаш да ги пријават.

– Само со заедничка реакција можеме да му ставиме крај на ваквото насилство и да изградиме општество во кое животите на животните се почитуваат – нагласуваат од претпријатието.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ