Изречени се десет казни за неиздавање фискални сметки, седум за невоведување и некористење фискален систем и затворени се два објекта при контрола на инспекторите на Управата за јавни приходи. Контролите биле направени минатиот месец во различни типови деловни субјекти, како ресторани, кафе-барови, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, месарници, цвеќарници, рибници туристички агенции, хотели… Од контролите може да се заклучи дека кафеаните, рестораните, продавниците и бутиците се најголеми неиздавачи на фискални сметки.
Од 22 до 29 септември се направени вкупно 72 контроли и се изречени 22 прекршочни казни за утврдени неправилности во однос на фискализација. Покрај наведените казни, казнети се и девет таксисти, шест автомат-клубови, двајца адвокати и запечатен е еден објект, а два објекта биле затворени за време на посетата на инспекторите на УЈП.
Најмногу контроли, вкупно 22, се направени во Скопје и утврдени се 8 неправилности, потоа следуваат Прилеп со 15 контроли и две неправилности, Куманово 17 контроли и две неправилности, Делчево шест контроли и една неправилност…
Во однос на забелешките од граѓаните зошто Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево… не биле контролирани за неиздавање фискални сметки од страна на инспекторите, од УЈП одговорија дека овие градови биле контролирани во периодот од 15 до 21 септември. Во овој период се извршени 111 контроли, притоа се утврдени неправилности кај 35 субјекти. Конкретно во Тетово се направени 25 контроли и се утврдени 8 неправилности, во Кичево при направени четири контроли се утврдени две неправилности, во Струга се направени две контроли и не се констатирани неправилности. И во овој период најмногу контроли имало во Скопје, 39, и од нив кај 8 објекти се утврдени неправилности.
Овие податоци се доволен доказ дека инспекторите на УЈП вршат редовни контроли како во однос на издавање на фискални сметки, така и во однос на користењето на фискалните системи. Притоа, инспекторите имаат методологија и план по која работат, па така, како што може да се види од контролите, не се контролираат секогаш исти градови и исти објекти. Покрај редовните контроли по планот за контрола на готовински промет, даночните инспектори излегуваат на терен и по пријави на телефонскиот број 198, или по пријави кои од граѓаните пристигнуваат до Управата за јавни приходи по е-пошта. Исто така, инспекторите постапуваат по план на активности или согласно со нивните анализи за ризик.
Управата за јавни приходи согласно со Законот за регистрирање готовински плаќања ќе врши и вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Од институцијата велат дека издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска, туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување.
(А. С.)