Француските болници добија упаства да се подготват за можна војна

115

Француските болници се предупредени да се подготват за „голем воен ангажман“ до март 2026 година. Иако веста првично ја објави сатиричниот неделник Le Canard enchaîné, информацијата подоцна ја потврди и министерката за здравство, Катрин Вотрин, пишува metro.co.uk.

Во писмото, кое го испрати француското Министерство за здравство уште во јули, се наведува дека болниците мора да бидат подготвени за потенцијално „големо воено распоредување“. Здравствените установи се должни да обезбедат капацитет за лекување на ранети француски и странски војници, со можност за лекување помеѓу 10.000 и 15.000 луѓе во период до 180 дена. Како дел од планирањето, се споменува и воспоставување на места за собирање медицински помагала во близина на пристаништата и аеродромите, со цел да се овозможи брз транспорт на војници.

„Нормална претпазливост“
Министерката Вотрин ги минимизираше загриженостите, нагласувајќи дека тоа е стандардна постапка. „Сосема е нормално една земја да ги предвидува кризите и нивните последици. Тоа е дел од прогнозирањето, исто како и стратешкото складирање“, рече таа.

Таа додаде и потсетник за претходните искуства: „Сè уште не бев на должност кога избувна пандемијата на Ковид-19, но да не заборавиме дека немавме зборови да опишеме колку земјата беше неподготвена.“

Водичи за преживување

Мерката доаѓа само неколку месеци откако Франција издаде „водичи за преживување“. Прирачникот од 20 страници содржи 63 совети за тоа како граѓаните можат да се заштитат од вооружени конфликти, природни катастрофи, индустриски несреќи и нуклеарни закани. Владата инсистира дека прирачникот не е објавен поради закана од Владимир Путин, туку дека е во подготовка од 2022 година како одговор на лекциите научени за време на пандемијата.

И покрај ова, прирачникот нуди совети за тоа што да се прави во случај на нуклеарен напад и за приклучување кон локалните одбранбени сили. Францускиот весник „Фигаро“ објави дека објавата може да сугерира дека Франција „реагира на нестабилна меѓународна ситуација“. Според тоа, Франција, како и Обединетото Кралство, ги зголеми своите трошоци за одбрана од 2% на 3 до 3,5% од БДП.

ИЗДВОЕНИ