Покрај добро познатите крвни групи A+, A-, B+, B-, AB+, AB-, O+, O-, во последниве години се откриени уште околу десетина крвни групи, а најновата, наречена Гваделупска негативна, ја идентификуваше група научници од Францускиот институт за крв (EFS) кај пациент од Гваделупе.
Според дневниот весник „Паризиен“, француските научници ја открија 48-мата крвна група позната до денес. „Петнаесет години откако добивме примерок од крв од пациент по потекло од Гваделупе, нашите истражувачки тимови успеаја да идентификуваат и карактеризираат нова група“, објави профилот на ЕФС“ на „ЛинкедИн“.
Откритието беше презентирано пред експертите за трансфузиолошка медицина за време на Светскиот конгрес на Меѓународното здружение за трансфузија на крв во Милано на 31 мај оваа година.
Ова откритие е важно првенствено за трансфузија, бидејќи некомпатибилноста помеѓу дарителот и примателот може да предизвика реакции кај примателот, почнувајќи од блага непријатност до смрт, пренесува „Танјуг“.
„Важно е и за жените кои очекуваат деца: ако мајката има ретка крвна група, таа може да создаде антитело кое може да го нападне сопственото дете“, се наведува во соопштението.
Откритијата на нови крвни групи отвораат и нови перспективи во онкологијата, неврологијата, па дури и ревматологијата. Крвната група се смета за ретка кога се јавува кај помалку од четири лица на 1.000 жители и кога нема други компатибилни крвни групи за трансфузија, се вели во соопштението на „ЕФС“. „Околу еден милион Французи се погодени од овој проблем, но само 10 проценти од нив се свесни за тоа“, велат научниците.