Вообичаените конзерванси што се користат за да се одржи безбедноста на храната и да се продолжи рокот на траење може да бидат поврзани со зголемен ризик од неколку видови рак и дијабетес тип 2, сугерираат две нови студии од Франција. Студиите се први од ваков вид во светот што ја испитуваат улогата на конзервансите во развојот на овие болести, објавува „Си-ен-ен“.
„Ова се многу важни наоди за конзервансите што не само што се широко користени на францускиот и европскиот пазар, туку и во Соединетите Американски Држави“, рече водечката авторка Матилд Тувие, директорка за истражување на студијата NutriNet-Santé, која послужи како основа за обете студии. Студијата NutriNet-Santé, која започна во 2009 година, спореди онлајн извештаи за исхраната и начинот на живот на повеќе од 170.000 учесници со нивните медицински картони.
„Ова се првите две студии во светот кои ја истражуваат поврзаноста помеѓу изложеноста на овие прехранбени адитиви и ракот и дијабетесот тип 2, па затоа мора да бидеме многу внимателни со пораката. Очигледно, резултатите треба да се потврдат“, додаде Тувие, директор за истражување во Францускиот национален институт за здравство и медицински истражувања во Париз.
„Загриженоста за конзервансите е уште една причина да се нагласи важноста за личното и јавното здравје на свежата, цела, минимално преработена храна, претежно од растително потекло“, коментираше д-р Дејвид Кац, специјалист за превентивна медицина кој не беше вклучен во студијата.
Врска помеѓу конзервансите и ракот
Студијата за ракот, објавена во The BMJ, го анализираше влијанието на 58 конзерванси врз околу 105.000 луѓе кои не заболеле од рак во 2009 година и биле следени до 14 години. Истражувачите откриле дека шест конзерванси, кои американската Администрација за храна и лекови (FDA) ги смета за генерално безбедни, се поврзани со зголемен ризик од рак:
Натриум нитрит (сланина, шунка): +32% ризик од рак на простата
Калиум нитрат: +22% ризик од рак на дојка
Калиум сорбат (вино, леб, сирење): +26% ризик од рак на дојка
Калиум метабисулфит (вино): +20% ризик од рак на дојка
Ацетати: +25% ризик од рак на дојка
Оцетна киселина: +15% ризик од рак вкупно
Студијата, исто така, открила дека два антиоксидантни конзерванси, натриум ериторбат и други ериторбати, се поврзани со 21% поголема инциденца на рак на дојка. „Хипотезата е дека кога ќе изолирате супстанција од нејзината оригинална матрица, како овошје или зеленчук, ефектите врз нашето здравје може да бидат различни“, објасни Тувие.
Иако опсервациските студии имаат свои ограничувања, истражувачите зедоа предвид голем број други фактори, како што се физичката активност, пушењето и консумирањето алкохол. „Откритието дека одредени класи на конзерванси се поврзани со зголемен ризик од одредени видови на рак беше робусно дури и по сите овие прилагодувања, што укажува дека ова е прашање што заслужува внимание“, забележа Кац.
Ризик од дијабетес тип 2
Друга студија, објавена во списанието Nature Communications, го испитуваше ризикот од дијабетес тип 2 кај речиси 109.000 учесници. Резултатите покажаа дека 12 од 17-те анализирани конзерванси се поврзани со речиси 50 проценти поголем ризик од развој на болеста кај луѓе кои ги консумирале најмногу.
Пет од истите конзерванси што се поврзани со ракот – калиум сорбат, калиум метабисулфит, натриум нитрит, оцетна киселина и натриум ацетат – исто така го зголемија ризикот од дијабетес тип 2. Шестиот конзерванс поврзан со ризикот беше калциум пропионат, кој се користи за спречување на раст на мувла.
Во оваа студија, некои антиоксидантни адитиви исто така го зголемија ризикот, вклучувајќи алфа-токоферол (форма на витамин Е), натриум аскорбат (форма на витамин Ц), екстракти од рузмарин, натриум ериторбат, фосфорна киселина и лимонска киселина.
Анаис Хазенболер, првата авторка на обете студии, нагласи дека се потребни повеќе истражувања за да се потврдат овие наоди. Сепак, таа додаде: „Овие нови податоци ги надополнуваат другите во поддршка на повторната евалуација на прописите што ја регулираат општата употреба на прехранбени адитиви од страна на прехранбената индустрија со цел подобрување на заштитата на потрошувачите.“












