Францускиот филмски проектот се спроведува во содејство со водечки филмски фестивали од регионот и обезбедува поддршка за развој на копродукциски проекти од страна на реномирани француски продуценти од филмската индустрија. Програмата досега вклучуваше менторски сесии, работилници за развој на проекти, индивидуални средби со француски продуценти, како и можности за вмрежување со професионалци од филмската индустрија од Франција и регионот

 

 

„Соработка на тема филм и филмски копродукции е нешто што е евидентно за Французите и нешто на што треба да се работи во регионот. Француската кинематографија е голема со опкружување во кое имаме врвни филмски уметници и професионалци. Тоа е е случај и со Македонија, која има долга традиција и долги врски со француската кинематографија“, истакна Иго Бештел, директор на Францускиот институт во Скопје на вчерашната средба по повод една година од спроведувањето на францускиот проект за заживување на соработката на полето на филмот. Преку Францускиот институт и Француската амбасада, овој проект во државата се реализира заедно со Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ и Интернационален фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“.

Како што беше кажано на средбата, проектот поддржан од Фондот Екип Франс при француското Министерство за Европа и надворешни работи има за цел промоција на филмското творештво и зајакувањето на регионалните копродукции. Проектот се спроведува во содејство со водечки филмски фестивали од регионот и обезбедува поддршка за развој на копродукциски проекти од страна на реномирани француски продуценти од филмската индустрија. Програмата досега вклучуваше менторски сесии, работилници за развој на проекти, индивидуални средби со француски продуценти, како и можности за вмрежување со професионалци од филмската индустрија.

Бештел посочи дека долги години постои соработка со македонската Агенција за филм што резултираше и во договор за копродукции потпишан во 2021 година.

„Тоа ѝ овозможува на македонската кинематографија уште повеќе да се поврзе со францускиот и европскиот филм. Македонскиот филм има долга традиција, но во исто време е и во период на обнова со многу млади, но и реномирани режисери кои има што да покажат. Тој договор за копродукција има за цел да се олеснат копродукциите и на македонските продуценти да им се олесни пристапот до фондовите и ситемите за поддршка на филмови во Франција кои се најдарежливите во светот. Истовремено, да се олеснат и контактите и да се помогне во вмрежувањето и да се овозможи поголемо место на македонскиот филм во Франција и обратно“, додаде меѓу другото Бештел.

Летиција Кулик, пак, аудиовизуелен аташе за регионот, го презентираше проектот кој започна покрај потпишаниот договор за копродукции на нивото на регионот.

„Со оглед на тоа што констатиравме дека има многу малку договори за копродукција меѓу регионот и Франција, започнавме со проект со кој сакавме да постигнеме и француските продуценти да се запознаат со регионот и со можностите што се нудат. Втора можност беше носители на проекти, продуценти и режисери да добијат можност да го презентираат своето дело пред француските продуценти“, посочи Кулик.

Од Францускиот институт додаваат дека беа водени неколку активности за поддршка на копродукциите во 2024, во партнерство со филмски фестивали од регионот (вкупно 8), меѓу кои и „МакеДокс“ и „Браќа Манаки“.

За време на 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм

„МакеДокс“ (15 – 22 август 2024, Скопје) се одржа 6. издание на MakeCoProDox Forum, за време на кој пет проектни носители од Западен Балкан имаа можност да ги претстават своите проекти и да учествуваат во дебати и професионални средби. Тие ги претставија своите проекти пред француски продуценти поканети во рамките на програмата. Исто така, се одржаа и работилници и тематски панел-дискусии отворени за сите учесници, предводени од врвни професионалци. За време на 45. издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, пак, пет проектни носители од Западен Балкан имаа можност да ги презентираат своите проекти и да учествуваат на професионални средби и сесии наменети за презентирање на својот проект. На 26 септември 2024 година, во Офицерскиот дом во Битола се одржа и утринска сесија за копродукција. По сесијата за запознавање (meet & greet) и кратките презентации на проектите, секој француски продуцент оствари кратка индивидуална средба (со времетраење од по 20 минути) со секој проектен носител, со што се остварија дискусии за развојот и финансирањето на филмовите.

Идни изданија на кои ќе се реализира соработката за 2025 се „МакеДокс“, што ќе се одржи од 21–28 август 2025, Скопје со MakeCoProDox Forum (25–27 август ) и Меѓународен фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ (20–26 септември) Битола.

Соработката ја потврдија и Сара Феро од „МакеДокс“ и Димитрија Доксевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“, кои изразија надеж за продолжување на соработката со огледна тоа што реализацијата на проектот завршува во ноември годинава.

На средбата беше посочена и француската соработка со Македонската радио-телевизија на тема сочувување на аудиовизуелните архиви. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ