Франција регистрираше 83.681 затвореник на 1 мај, рекорден број дури и за нејзините хронично преполни затвори, покажуваат новите податоци од Министерството за правда.
Француските затвори имаа вкупно 62.570 места на 1 мај, па пренатрупаноста го надмина нивниот капацитет за една третина, што е највисоко досега, а една година претходно, на 1 мај 2024 година, капацитетот беше надминат за една четвртина.
Ова е зголемување на вкупниот број затвореници за 6.000 луѓе за една година, а 25.000 за пет години, од крајот на првиот бран мерки поради пандемијата Ковид-19, кога имаше предвремено ослободување на затвореници.
Бројот на затвореници во 23 затворски установи беше дури и поголем од 200 проценти од нивниот планиран капацитет на 1 мај, соопшти министерството.
Поради пренатрупаноста, 5.234 затвореници можат да спијат само на подот од своите ќелии.
Притворските центри, каде што се чуваат оние што чекаат судење или се осудени на кратки казни, имаат 63 проценти повеќе затвореници од нивниот предвиден капацитет.
Франција првпат го надмина прагот од 80.000 затвореници на 1 ноември 2024 година, кога имаше 80.130, и оттогаш постојано расте.
Пренатрупаноста на затворите е „лоша за апсолутно сите, а очигледно и за самите затвореници, принудени да живеат во непристојни услови, како и за затворските службеници кои страдаат од несигурност и насилство“, неодамна објасни министерот за правда Жералд Дарманин. Како и неговите претходници, тој предлага изградба на нови затвори.
Кон средината на мај, министерот, исто така, препорача протерување на странски затвореници и „диференцијација на затворениците врз основа на степенот на опасност“.
Франција е меѓу најлошите во Европа по пренатрупаност во затворите, зад Кипар и Романија, според студија објавена од Советот на Европа во јуни 2024 година.
Француските власти размислуваат за изнајмување затворски места во други земји, особено во Источна Европа. „Тоа не е табу тема“, неодамна потврди претседателот Емануел Макрон.