„Фрајле“ со незаборавен концерт во Македонската филхармонија – Експлозија од аплаузи и емоции, од војводинската „Тамбураши“ до македонската „Јовано, Јованке“     

328

Девојките од Нови Сад ја испеаја добро познатата македонска народна „Јовано, Јованке“ во нова, забавномузичка обработка. Добија долг, искрен аплауз, па во знак на благодарност, уште два-три пати го повторија рефренот од оваа македонска песна 

(Дуле МИЌИЌ)

Тоа што го очекувавме – и го добивме на синоќешниот прв концерт (во одлична организација на „Прагма продукција“), кој во преполната Македонска филхармонија го одржаа харизматичните новосаѓанки Наташа, Невена и Јелена, попознати како „Фрајле“. И сега, како секогаш, направија одлична забава, публиката беше расположена до максимум,  а тие три воедно беа и прилично духовити. Ги испеаја не само своите авторски песни туку и неколку преработки на најпопуларните некогашни југословенски шлагерски хитови, во нови аранжмани. Како, на пример, песните од репертоарот на Оливер Драгојевиќ „Мени требаш ти“, „Имала је лепу рупицу на бради“, „Недостајеш ми ти“, на Ѓорѓе Балашевиќ „Девојка са чардаш ногама“, но и на нашиот Тоше „Во коси да ти спијам“, која ја испеаја дури оправдано и на бис.Во своето 16-годишно музичко патување, распеаните девојки имаат пропатувано повеќе од половина свет. На листата со нивни настапи се бројат и оние на 10.000 метри во авион, во Европскиот парламент, но, секако, и бесплатните концерти во болници, детски градинки, старски домови. Велат, за сите да бидат среќни, весели, насмеани, затоа што сите го живееме овој еден живот под исто сонце.Нивните интерпретации максимално допреа до срцето на секој оној што се најде на нивниот концерт. Така беше и со нас. А, песните се тие и поради нив ни во сон не можеш да останеш рамнодушен. Со Ната, Јела и Нена се пее, се смее, се танцува, се дава пример како се живее животот од онаа поубавата страна.   На сцената, тие беа елегантно облечени, особено Јела, во долг црвен фустан. Со изборот на песните, нè одведоа на една целовечерна незаборавна забава: „Ich Liebe Dich“, „Фина, нисам тако фина“, „Штиклице“, „Моје душе, душа“, „Животе, крени“, „Три метера сомота“, „Босонога“, „Моје вино“, „Тамбураши“… Ни ја раскажаа и интересната приказна како настанала песната „Фина“.                                 – Бевме излезени на војводински салаш, а дома се вративме, верувале или не, по два дена. Тоа воопшто не беше фино, родителите ни беа загрижени. Токму тогаш, од тие случувања, добивме инспирација, ги напишавме духовитите зборови: „Ја нисам фина….ма стварно нисам фина, одмах би се, луче моје, за те удала, само да је мало пара, да те водим ја, да те шетам, одавде, па до Сибира“ – велат тие.

Меѓутоа, вистинскиот делириум, експлозија од емоции се случи кога ја испеаја добро познатата македонска народна „Јовано, Јованке“ во нова забавномузичка обработка. Добија долг, искрен аплауз, па во знак на благодарност, уште два-три пати го повторија рефренот од оваа македонска песна.  Така што Македонската филхармонија беше местото на кое повеќе од два часа имаше бура од позитивни вибрации, заедничко пеење…„Фрајле“ уште еднаш ни покажа како треба да се ужива во тие добри нешта. Таа едноставна музичка и животна филозофија тие ќе ја повторат наскоро, на истото место, на 16 ноември, кога фрајла Нена ќе го слави својот роденден со торта на сцената. Нестрпливи сме, и тоа многу. Однапред знаеме дека нè чека едно ново (двочасовно) патување низ убавините на животот.

 

 

ИЗДВОЕНИ