Вкупната инсталирана моќност за производство на електрична енергија од обновливи извори за последниве две години изнесува над 616 мегавати. Новите енергетски капацитети што произведуваат струја од обновливи извори се доволни за потребите на 194 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија. Прогнозите на надлежните се дека доколку домашните фотоволтаични системи продолжат со ваков интензитет да се инсталираат, би можеле да ја заменат производната моќ на РЕК „Битола“
Сѐ повеќе се инвестира во обновливи извори на енергија и во последните четири години имаме околу 1.200 мегавати нови капацитети од ОИЕ, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. Тој информираше дека РКЕ веќе почна да ги менува лиценците на фотоволтаичните електрани кои инсталираа батерии, но, сепак, не можеме да очекуваме дека ќе имаме вишоци електрична енергија во текот на зимава бидејќи тогаш се зголемува потрошувачката, пред сѐ, кај домаќинствата, зашто голем дел од нив се греат на струја.
– Заклучно со ноември, имаме нови дополнителни 210 мегавати од обновливи извори на енергија од кои 44 мегавати е една ветерна електрана во Демир Капија, која е во пробна работа и произведува електрична енергија, а останатите се фотоваолтаици. Во 2026 година очекувам домашното производство на електрична енергија од обновливи извори да расте, но, сепак, треба да ги почекаме податоците за 2025 и за 2026 година – рече Бислимоски.
Сепак, како што рече, радува фактот што сѐ повеќе се инвестира во обновливи извори на енергија, кои во 2024 година биле само 40 отсто, а сега се преку 50 nasto.
– Новите капацитети од обновливи извори на енергија го зголемија инсталираниот капацитет за производство на електрична енергија за 36% и согласно со податоците за 2024 година, првпат во Македонија 55% од инсталираниот капацитет е од ОИЕ, а 45% се од термоелектраните и од гасната електрана во Скопје. Во 2025 година, сигурно процентот на инсталирани капацитети од ОИЕ ќе биде поголем од 55% – прецизира Бислимоски.
Тој е сигурен дека тој процент ќе се зголеми како во 2025 година, така и во 2026 година бидејќи се изградија голем број фотоволтаични електрани во државата.
Инаку, Министерството за енергетика со законски измени на граѓаните им го олесни патот до поставување фотоволтаици на покривите. Со измени на Законот за енергетска ефикасност се зголеми прагот на домаќинствата, односно потрошувачите производители на 10 киловат и се скрати и рокот за издавање дозволи за инсталација на кровни фотоволтаици.
Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, повеќе од половина од расположливите енергетски капацитети во државата се од обновливи извори 55,72%. Вкупната инсталирана моќност за производство на електрична енергија од обновливи извори за последниве две години изнесува над 616 мегавати.
Новите енергетски капацитети со инсталирана моќност од 616,42 мегавати што произведуваат струја од обновливи извори се доволни за потребите на 194 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија. Прогнозите на надлежните се дека доколку домашните фотоволтаични системи продолжат да се инсталираат со ваков интензитет, би можеле да ја заменат производната моќ на РЕК Битола.
(А. С.)












