Фотоволтаици за уште три битолски училишта

12

Општина Битола, до крајот на учебната година, ќе постави фотоволтаични системи на уште три основните училишта во градот. Со оваа мерка, локалната самоуправа продолжува со активностите за зголемување на енергетската ефикасност и користење обновливи извори на енергија во образовните установи.

Од Општината информираат дека деновиве се вршат теренски проверки на состојбата на покривите на училиштата, како и процена на можностите за најсоодветна позиција за поставување на соларните панели.

– По завршувањето на анализите и објавувањето на тендерските постапки ќе следува и реализацијата, односно поставувањето на новите фотоволтаични соларни централи за производство на електрична енергија во три нови битолски училишта. Со воведувањето на фотоволтаиците се очекува училиштата да остварат значителни заштеди во трошоците за електрична енергија и да придонесат кон намалување на јаглеродните емисии во општината – нагласуваат од Општина Битола.

Во моментов, на 10 објекти на основни и средни училишта во Општина Битола се поставени сончеви панели. Кон крајот на 2023 година, на објектот на училиштето и на градинката во населбата Долно Оризари беше поставена првата фотоволтаична електрична централа во училиштата, по што во 2024 година беа поставени уште девет, три на средни и шест на основни училишта.

 

ИЗДВОЕНИ