Не само скопскиот аквадукт, каде што со чистење на околината започна годинашната најголема еколошка акција во државата – „Генералка викенд“, туку и реката Вардар е претворена во голема депонија.
Фотографиите покажуваат дека не само пластични шишиња и секаков друг отпад туку и делови од мебел се насобрани околу галијата „Фаланга“ во реката Вардар, која се наоѓа спроти МЕПСО.
Сликата за реката Вардар во строгиот центар на градот е жална, дури и морничава, а најмалку пријатна. Што има да им покажат Скопје и неговите граѓани на туристите?
И надлежните со своите ажурност и посветеност, но и граѓаните со подигнувањето на својата свест да не фрлаат сè и сешто насекаде треба итно да придонесат кон тоа да се смени состојбата со нехигиената во градот, која трае веќе подолго време и претставува опасност од загрозување, пред сè, на нашето здравје.
Фото: (Ѕ. П.)