Во Францускиот институт во Скопје, на 17 декември, во 18:00 часот ќе се отвори изложбата на фотографии „Урбани пејзажи“, на македонскиот уметник Рафаел Ристовски. Фотографиите на Ристовски се направени за време на уметничкиот престој во резиденцијата „Cité internationale des arts“ во Париз, во која секоја година престојуваат повеќе од 300 уметници од целиот свет.
– Овој престој е дел од соработката помеѓу македонското Министерството за култура и Cité des Arts, во рамките на која секоја година македонски уметници добиваат можност да престојуваат во Париз, од каде што црпат инспирација, создаваат нови дела и се вмрежуваат со меѓународната уметничка сцена, посочуваат од Францускиот институт во Скопје.
Кураторка на изложбата е Мелоди Робин, која ги истражува влијанијата на париското искуство врз делата на македонскиот уметник и дијалозите помеѓу локалната и меѓународна естетика.
Изложбата ќе вклучува и средба со уметникот, а модераторка ќе биде Јана Луловска, мултимедијална уметница, која во 2023 година, исто така, беше на уметничка резиденција во „Cité internationale des arts“ во Париз.
– Во своето творештво, Рафаел Ристовски ја користи фотографијата како примарен медиум, но не само за документирање. Преку дигитално уредување, урбаните пејзажи се трансформираат во симболични светови каде што секој елемент добива подлабока, метафорична димензија. Акцентот е ставен на „урбаната природа” – обичните улици, архитектурата, разни објекти и други детали кои често се занемарени, но се комплексни и, воедно, мистериозни. Престојот во Париз му додаде слој свежина на неговото творештво; мешавината на стара и на нова архитектура, мирот и хаосот на градот, секојдневните банални нешта и безброј други мали детали – сето тоа ја инспирираше оваа нова серија, се посочува кон изложбата.












