Перонот на Железничката станица во Гевгелија завчеравечер се претвори во несекојдневен галериски простор со изложбата на фотографии „Црквите и манастирите во Гевгелиско“. На 17. изложени фотографии беше претставен спојот на духовноста и народната култура од гевгелискиот крај. Преку фотографијата, посетителите можеа да го почувствуваат духот на верата, традицијата и на заедништвото.
Овој проект на Етнокорелошкиот оддел при ЈОУ Дом на културата „Македонија“ – Гевгелија и трудот на м-р етнокореолог Силвестер Проле претставуваат симбиоза на научноистражувачката дејност и уметничкиот концепт за негова визуелна презентација, симулирајќи мало патување низ времето. Токму перонот, како симбол на пристигнувањето и на заминувањето, е извонредно избран простор, не само поради асоцијацијата за патување туку и како потсетување дека секој простор може да стане културна сцена.
На отворањето на изложбата, м-р Проле, меѓу другото, истакна: „Отсекогаш црквите и манастирите предизвикувале интерес во светската и во домашната научноистражувачка дејност. Не само како монументални дела од духовното и религиско наследство и архитектура, со својата примарна функција: посредување во комуникацијата со Бога, туку и како носители на традиционалниот и на културниот код на македонскиот народ. Од големите собори пред црквата, заедничките беседи до прославите со автентична носија и народни песни и ора, кои им дале уште поголемо значење на овие свети места. Затоа и се вбројуваат меѓу најпосетуваните објекти, особено од страна на странските истражувачи.
Тоа е и целта на изложбата: да се прикажат дел од црквите и манастирите во Гевгелиско – во Конско, Ума и во Серменин, фотографии на кои преовладуваат не само делови од архитектонските карактеристики на храмовите туку и портрети во традиционална носија. Во исто време, овие фотографии се и повик до туристите, инспирирајќи се од нив, да ги посетат овие свети места и да ја доживеат одблиску нивната убавина.“
Сите фотографии, изработени на форекс-подлога, се дело на Иван Кал`чев. Со оваа изложба, Гевгелија уште еднаш го потврди својот статус како Град на културата за 2025 година, место каде што не се заборава традицијата, туку се прераскажува со нов јазик. (Љ. А.)