ФОТО/Русите бомбардираа украински затвор, погодени се породилиште и болница, најмалку 18 мртви

88
screenshot ДСНС України Telegram

Во ноќниот напад на руските сили врз казнено-поправниот дом во регионот Запорожје во југозападна Украина загинаа најмалку 16 лица, а 35 се ранети, потврдија локалните власти. Нападот се случил во понеделник навечер, а украинските власти велат дека затворските згради се целосно уништени, објави „Гардијан“.

„Затворските објекти се уништени, а погодени се и приватни куќи во близина“, напиша гувернерот Иван Федоров на Телеграм. Четири цивили беа убиени и во одделни руски напади во регионот Дњепропетровск, соопштија тамошните власти. Уште неколку лица беа ранети во тие напади, но точниот број сè уште не е познат.

Серијата напади е меѓу најсмртоносните во последните месеци, а руските сили редовно го таргетираат Запорожје со беспилотни летала, ракети и воздушни бомби откако започна инвазијата во 2022 година. Федоров рече дека осум ракети, вклучувајќи моќни бомби, биле испукани кон областа Запорожје во текот на ноќта.

Во одделен напад, руските сили го гранатираа градот Камјанске во регионот Дњепропетровск. Две лица беа убиени, а породилиште и блиска градска болница беа оштетени. Серхиј Лисак, началник на регионалната воена администрација, извести дека трикатна зграда која повеќе не е во употреба е делумно уништена.

„Пет лица се повредени, вклучувајќи две жени во сериозна состојба, од кои едната е бремена. Три други пациентки се во умерена состојба“, рече Лисак.

Градоначалникот на Камјанск, Андриј Билошов, потврди дека породилното и терапевтското одделение на болницата претрпеле голема штета.

„Покривите се оштетени, сите прозорци се скршени. Неколку автомобили на паркингот на болницата се изгорени“, рече тој, додавајќи дека сите пациенти се префрлени во други установи. Пријавена е и штета на детска клиника, училишта, градинки и 49 станбени згради.

ИЗДВОЕНИ