Малезија соопшти дека нема повторно да биде домаќин на трка од Формула 1 во скоро време, наведувајќи ги високите трошоци и веќе пренатрупаниот календар на натпреварувања.
- За да се добие нова Гран при, земјата ќе мора да потпише договор од три до пет години со „Либерти медиа“, која ги поседува комерцијалните права за Ф1, во вредност од околу 304 милиони евра, изјави министерката за спорт, Хана Јо.
Дополнително, потребни се околу два милиона евра годишно за одржување на патеката според меѓународните стандарди.
Малезија првпат беше домаќин на Ф1 во 1999 година на патеката Сепанг, а последната трка се одржа во 2017 година. Настанот беше одложен во 2018 година поради високите трошоци, додека Сепанг останува домаќин на Мото ГП-шампионатот.
Во регионот, Сингапур веќе има ноќна трка во Формула 1, додека Тајланд планира да се приклучи од 2028 година и понуди 1,2 милијарди долари за да биде домаќин на трка на улиците на Бангкок.