Министерството за здравство формираше работна група која ќе го истражува случајот „извоз на мозоци за научни цели“. Министерот за здравство Азир Алиу во ТВ интервју реле дека ќе се проверуваат сите информации и податоци за наводите поврзани со испраќање човечки мозоци од Македонија во САД. Ќе се проверува дали имало соодветна документација, дали се барала согласност од семејствата, дали е почитувана правната рамка и етичката димензија. Ресорниот министер вели дека многу скоро ќе се знае што точно се случувало во период од две децении, од 1994-та до 2015-та година, кога соработката со Универзитетот Колумбија прекинала.
– Формиравме работна група која ќе го следи административниот дел за временскиот период кој е таму дефиниран, дали имало некаков документ или не во министерството или некој меморандум за научни истражувања или за клинички истражувања и анализи.Верувам дека за кратко време ќе ме информираат од различните департменти дали имало или немало таква активност. Засега се е шпеклуации и информации што ги слушаме насекаде – изјави Алиу
Случајот со извоз на ткива од мозоци за научни цели во Америка се обелодени откако излегоа во јавноста документите поврзани со Џефри Епстин, кои ги објави американското Министерство за правда. Во еден од нив беше спомната соработката на негова фондација со универзитетот Колумбија кој користел мозоци од увоз од, како што стои, „малата балканска земја“ Македонија. Еден од учесниците во проектот поранешниот директор на Институтот за судска медицина Алексеј Дума, за ВЕЧЕР изјави дека се било легално и со согласност од семејствата чиј мозок на нивни член биле користени во научно-истражувачки цели.












