Формирана мрежа на мировни училишта

14

Наставници од 78 училишта формираа мрежа на мировни училишта во Македонија, раководена од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Од „Меѓаши“ соопштија дека сите наставници од овие училишта учествувале во дефинирањето на декларацијата за пристапување и заедничко дејствување, каде што се обврзале дека во училиштата ќе се негува принципот на ненасилна и отворена комуникација, без дискриминација по ниту една основа.

– Водени од вербата дека училиштето е клучно место за градење култура на мир, наставниците се обврзаа и на зајакнување на партнерството меѓу училиштата, заедницата и родителите во насока на промоција на мир и соработка, како и споделување практика и искуства со другите училишта во рамките на мрежата, притоа активно поддржувајќи ги заедничкото учење и развојот – потенцираа од „Меѓаши“.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ја нагласи важноста на мировното образование како законска обврска и клучен дел од националниот воспитно-образовен систем.

– Иако Македонија е мала земја и не може да влијае на надминување на глобалните конфликти меѓу многу посилни држави, сепак, може и мора да го зачува мирот во своите граници, благодарение на иницијативите на „Меѓаши“ – истакна Јаневска.

Претседателот и соосновач на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Драги Змијанац, потенцираше дека со формирање на Мрежата на мировни училишта, „Меѓаши“ само го официјализирала сето она на кое вредно се работело изминатите 15 години.

– Навистина е импресивно тоа што програмата за мировно образование опфаќа над 300 наставници. Преку нивниот континуиран труд, повеќе од 8.000 ученици се запознаа со вредностите на мирот, чија примена не доаѓа веднаш, туку постепено, станувајќи личен манир со долгорочно влијание врз целото општество – рече Змијанац.

Од „Меѓаши“ нагласуваат дека мрежата носи промовирање на мировното образование како двигател на општествената промена, создавање инклузивна култура на мир и активно ширење на практиките што инспирираат заедничко учење и развој.

 

ИЗДВОЕНИ