Форматот наречен „Големата шесторка“ е воспоставен поради пазарните шокови поврзани со политиките на американскиот претседател, Доналд Трамп, и во услови на бавен вкупен раст, а го сочинуваат Германија, Франција, Шпанија, Италија, Холандија и Полска. Идејата за ад хок коалиција се состои во тоа да им се овозможи на некои членки да водат проекти без потреба од согласност од сите 27 земји на ЕУ
Разговорите меѓу министрите за финансии на најбогатите земји од ЕУ за тоа како да се поттикне бавната економија на континентот, го означија формирањето на нов клуб во Унијата, на кој би можеле да се приклучат и некои други земји.
Форматот наречен „Големата шесторка“ е воспоставен поради пазарните шокови поврзани со политиките на американскиот претседател Доналд Трамп и во услови на бавен вкупен раст, а го сочинуваат Германија, Франција, Шпанија, Италија, Холандија и Полска.
Бриселски „Политико“ наведува дека „Големата шесторка“ се смета и за ново оживување на „бриселската класика, позната како Европа во две брзини“.
– Разговаравме за потребата од подобрување на конкурентноста на ЕУ. Разговаравме за одбраната… За унијата на штедење и инвестиции, а исто така и за единствениот пазар, до одреден степен, изјави полскиот министер за финансии, Анджеј Домањски, за „Политико“ во средата, по министерската видеоконференција.
Засега не е јасно дали овие шест престолнини на ЕУ, кои размислуваат исто за економијата, ќе извршат конкретен притисок врз Европската комисија.
Домањски рече дека вклучувањето на Варшава во ексклузивната група претставува победа и покажува дека Полска, благодарение на својот силен раст, станува сила на која треба да се смета, заедно со традиционалните – Франција, Германија и Италија. Претходно, Полска беше поканета на состанокот на Групата 20 водечки светски економии.
Агенцијата „Ројтерс“ пишува дека министрите на шесте големи европски економии ветиле дека ќе бидат двигатели на напредокот и дека разговарале како да ги унапредат проектите заглавени од сложениот процес на донесување одлуки во Унијата во време на геополитички превирања. Како што е наведено, идејата за ад хок коалиција што би им овозможила на некои членки да водат проекти без потреба од согласност од сите 27 земји не е нова и отсекогаш била привлечна за некои земји. Покрај тоа, таа веќе се применувала на водечки проекти, вклучително и на заедничката валута евро.
Германскиот министер за финансии, Ларс Клингбаил, изјави дека шесте земји, како водечки економии, сакаат да бидат двигатели на растот.
– Ние создаваме моментум, другите можат да се приклучат. Важно е да ги зајакнеме нашата конкурентност и одбранбените способности, рече тој по состанокот, објави „Ројтерс“.
Клингбаил, исто така, истакна дека во услови на глобална неизвесност, „Големата шесторка“ става посилен акцент на европскиот суверенитет. Сепак, тој не зборуваше за „Европа со две брзини“ што ја спомена во интервју претходно оваа недела.
Еден извор од ЕУ изјави за „Ројтерс“ дека неформалната, ад хок група ќе се состанува по потреба, додека друг рече дека тоа нема да биде ексклузивен клуб.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц покажува зголемена подготвеност Европа да оди напред дури и без традиционална едногласност во ЕУ, без разлика дали станува збор за трговски договор со Меркосур или со Украина. Франција со години заговара да се напредува во помали групи кога станува збор за политиките – од заштитни мерки за увоз на челик до нуклеарна енергија – кои остануваат блокирани на пошироко ниво на ЕУ.












