Форензичари од Белград потврдија дека двегодишната Данка од Бор е убиена, се чека уште анализа на возилото што ја удрило

594

Доколку сè се совпаѓа со доказите собрани досега, обвинението нема да се менува, туку само ќе се дополни и ќе се испрати до Вишото јавно обвинителство во Неготин. Меѓутоа, во случај експертите да дадат наоди спротивни на доказите, истрагата буквално ќе биде на самиот почеток, додава извор на „Курир“, наведувајќи дека ова била една од најобемните истраги во историјата на српското судство.

 

Вишото јавно обвинителство во Заечар доби извештај од судски вештаци од Белград, кои ги анализираа и споредија фактите собрани за време на реконструкцијата на исчезнувањето и убиството на двегодишната Данка Илиќ од Бор. Анализата, како што пишува „Курир“, ги потврдува сомнежите на истражителите за времето, местото и начинот на кој Данка Илиќ исчезна пролетта минатата година.

Реконструкцијата на настаните на местото на злосторството е извршена на 16 јуни оваа година. Потоа, денот на исчезнувањето на девојчето, 26 март минатата година, беше „пресликан“ во Бањаско Поле, а осомничените Дејан Драгиевиќ и Срѓан Јанковиќ беа донесени на локацијата од притвор.

-Тукушто ги добивме резултатите од анализата на реконструкцијата спроведена од Националниот центар за криминалистичка форензика во Белград. Во нивната анализа, сè се совпаѓа: времето, изјавите на сведоците, трагите. Сега чекаме да пристигнат резултатите од анализата на реконструкцијата на Факултетот за технички науки – Сообраќаен оддел од Нови Сад. Тие, меѓу другото, споредуваат факти од терен, изјави на сведоци, ги прегледуваат камерите за надзор, потврди обвинителството за „Курир“.

Вештаците од Нови Сад треба да се изјаснат дали возилото на осомничените го удрило девојчето и да го анализираат движењето на возилото тој ден, секунда по секунда.

-Исто така, се анализираат движењата на другите автомобили, имено пријатели на осомничените, роднини, мештани и возила што се нашле во близина. Вештаците во Нови Сад, покрај прегледувањето на часовите снимки од камерите, споредувањето со изјавите на сведоците и реконструкцијата, се задолжени и за други проверки кои засега не се објавуваат јавно поради истрагата, открива изворот на „Курир“.

Откако ќе пристигнат наодите и мислењата на експертите од Нови Сад, сè ќе им биде доставено на адвокатите на двајцата осомничени за да можат да се изјаснат за нив.

-Доколку немаат забелешки или жалби, и сè се совпаѓа со доказите што се собрани досега, обвинението нема да се менува, туку само ќе се дополни и ќе се испрати до Вишото јавно обвинителство во Неготин. Меѓутоа, во случај експертите да дадат наоди спротивни на доказите, истрагата буквално ќе биде на самиот почеток, додава изворот, наведувајќи дека ова била една од најобемните истраги во историјата на српското судство.

-Се подготвувала еден месец, а учествувале десетици луѓе, почнувајќи од сведоци, осомничени, мајката на детето, експерти, обвинители и полиција, заклучува тој.

Исчезнувањето на малата Данка пред еднаипол година го потресе целиот регион. Девојчето го смема буквално пред очите на мајката на семејниот имот во Бањско Поле. Потрагата по неа беше обемна, а неколку дена подоцна беа уапсени двајца работници на „Водовод“ Бор кои се осомничени дека прво го удриле девојчето со службениот автомобил, потоа го ставиле во возилото, а кога виделе дека е живо еден од нив го задавил со раце. Според обвинението, телото го фрлиле патем, на дива депонија, а два дена подоцна еден од осомничените со помош на таткото и братот  го преместил. Телото на малата Данка до ден денеска не е пронајдено иако беше пребаран целиот терен, од местото каде што исчезна, преку селата во кои живеат осомничените, до речни кањони. Осомничените при апсењето признаа вина, а подоцна негираа објаснувајќи дека претходно полицијата ги малтреетирала за да признаат. Во меѓувреме обвинението неколку пати беше одбиено, а надлежноста за случајот се префрлаше од суд во суд.

ИЗДВОЕНИ