Комисијата за спроведување на тендерот вчера, на отворањето на понудите, констатираше дека „Оне Македонија телекомуникации“ ги доставила сите документи и најави евалуација и подготовка на извештај до директорот на АЕК, за конечна одлука.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кој прв најави влез на трет мобилен оператор што би го разбил дуополот во мобилната телефонија во земјава, изјави дека конкуренцијата е здрава работа, затоа што, како што рече, „постојните мобилни оператори не направија ништо да ги намалат цените“. Тој очекува пониски цени за корисниците

 

„Оне Македонија телекомуникации“ на унгарската 4iG („Фор-ај-џи“) e единствен понудувач на тендерот на Агенцијата за електронски комуникации за доделување одобренија за нов мрежен оператор. Тие, лани во декември, поднесоа документи до регулаторното тело и изразија интерес за влез на македонскиот пазар, како трет мобилен оператор.

Комисијата за спроведување на тендерот вчера, на отворањето на понудите, констатираше дека „Оне Македонија телекомуникации“ ги доставила сите документи и најави евалуација и подготовка на извештај до директорот на АЕК, за конечна одлука.

Освен „Оне Македонија телекомуникации“, тендерска документација подигнаа уште две компании. Игор Бојаџиев, претседател на Комисијата, истакна дека се доставени сите документи од понудувачот и дека ќе продолжи процедурата согласно со закон.

– Следува евалуација на документацијата, по што ќе се изготви извештај до директорот на АЕК, со предлог што да се направи како следен чекор. Бидејќи има само еден понудувач, нема да се оди со чекорот јавно наддавање. Тука би требало да заврши процесот и доколку е сè во ред, би требало да се донесе позитивна одлука за влез на пазарот – рече Бојаџиев и нагласи дека ако биде сè во ред, одлуката за доделување на одобренијата ќе биде донесена по завршување на локалните избори.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кој прв најави влез на трет мобилен оператор што би го разбил дуополот во мобилната телефонија во земјава, изјави дека конкуренцијата е здрава работа, затоа што, како што рече, „постојните мобилни оператори не направија ништо да ги намалат цените“. Тој очекува пониски цени за корисниците.

– Апсолутно, конкуренцијата е здрава работа и мора да има конкуренција. Јас во една пригода кажав, дали ќе влезе или не трет мобилен оператор во државава, еве влегува, зависи само од постојните два оператора. За жал, во овие година и нешто, ништо не направија, ниту да ги подобрат услугите ниту да ги намалат цените – рече Николоски.

Според негова оцена, двата мобилни оператора го имаат поделено пазарот 51 спрема 49, а тоа се рефлектира и на цените. Потенцијалниот нов мобилен оператор во земјава, според условите од тендерот, треба да почне со работа на крајот од 2026 година.

– Од првиот ден кога бев избран на функцијата, кажав дека, на македонскиот пазар, има дуопол помеѓу двата мобилини оператора, и тоа е факт кога ќе ја видите поделбата на пазарот 51 и 49. Сè е јасно. Во однос на квалитетот и на цените, мислам дека граѓаните доволно кажуваат, така што конкуренцијата е здрава и добра. Од АЕК кажаа дека имаат одредени ограничувања поврзани со изборите, но изборите ќе завршат за два месеца, процедурата ќе си продолжи. Согласно со тендерските правила, веќе на крајот од следната година треба да почне со работа новиот оператор, што значи дека му се дава една година да се опреми со базни станици, итн. и веќе следната година ќе можеме да имаме мобилни телефони и со трет оператор во државава – изјави Николоски.

Според експертите, новиот мобилен оператор ќе цели да преземе дел од пазарот на двата оператора, преку понуда на нови сервиси и конкурентни цени. Според анализите на АЕК, задоволството на корисниците од цените во мобилната телефонија во земјава е на најниско ниво од 55,9.

Заклучно со првиот квартал од годинава, во државава се регистрирани 1.941.996 активни претплатници во мобилната телефонија, во кои удел од 47,69 проценти има „А1 Македонија“, 46,66 проценти „Македонски телеком“, 3,38 проценти на М-ТЕЛ, виртуелниот мобилен оператор што влезе на пазарот во октомври 2022 година, 1,34 проценти „Телекабел“, 0,38 проценти „Мтелмобајл“, 0,10 проценти „Грин мобајл“.

Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите, како еднократен надоместок за одобрението А1, изнесува 4,2 милиони евра, за одобрението Б1 е 1,5 милиони евра, а за одобрението Ц1 – 2,320 милиони евра.

На почетокот од јули годинава, високи претставници на 4iG во Скопје се сретнаа со Николоски и со министерот за одбрана, Владо Мисајловски, за соработка во одбранбената индустрија, дека целните инвестиции може да придонесат за исполнување на оперативните барања на војската и на стратешките цели на националниот одбранбен сектор. Беше потенцирано дека овој ангажман е дел од пошироката стратегија за регионална експанзија на 4iG-групацијата на Западен Балкан, која ја реализира преку серија успешни аквизиции во Црна Гора и во Албанија.

4IG-групацијата функционира врз три стратешки столба: интеграција на ИТ-системите и решенија за претпријатијата; телекомуникациски услуги и развој на инфраструктурата и технологии за вселената и за одбранбената индустрија. Оваа диверзифицирана понуда ѝ овозможува на Групацијата да испорачува конкурентни, интегрирани решенија за партнерите од дигиталниот и од безбедносниот сектор низ цела Европа.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ