Во сензитивен политички момент за Македонија, само неколку дена пред гласањето на локалните избори, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе ја посети земјава, како дел од својата балканска турнеја. Иако посетата ќе биде рутински дел од агендата на Брисел за поддршка на европската перспектива на регионот, тајмингот и симболиката на посетата отвораат прашања, особено околу тоа дали Фон дер Лајен ќе ги пренесе не само очекуваните пораки за потребата од уставни измени туку и дали ќе испрати конкретни сигнали за можно обезбедување европски гаранции, слично на оние што ги најави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во текот на својата последна посета на Скопје.
Во атмосфера на внатрешнополитичка кампања, посетата ќе биде внимателно следена не само од домашната јавност туку и од ЕУ-членките, каде што во моментов се водат интензивни дебати за реформата на процесот на проширување, вклучително и иницијативата за укинување на едногласноста во одлучувањето за меѓуфази во преговорите. Се очекува дека Фон дер Лајен ќе ја искористи посетата за да ја потврди посветеноста на ЕУ кон земјава и да донесе политички капитал што би го олеснил процесот на уставни измени.
Според нашите извори, извесно е дека Фон дер Лајен ќе оствари средби со државниот врв во земјава, но јавноста нема да ги слушне нејзините пораки, затоа што нема да има прес-конференција, со оглед на фактот што нејзината турнеја по земјите од Западен Балкан и посетата на Македонија се совпаѓаат со предизборниот период кај нас.
Дел од познавачите велат дека посетата на Фон дер Лајен на Македонија на неколку дена пред изборите е чисто рутинска, одамна планирана и дека ЕК не водела сметка дека ние ќе бидеме во предизборен период, што е и нормално. Сепак, Брисел сака да покаже дека има интерес за земјава и македонските евроинтеграции и дека не сме тргнати настрана, а лош сигнал ќе беше доколку претседателката на ЕК нè заобиколеше на оваа своја турнеја по земјите од Западен Балкан.
Тоа што посетата, најверојатно, ќе се одвива без високата европска гостинка и домаќините јавно да испратат пораки до јавноста, дополнително остава простор за дипломатска тишина, зад која, можеби, се крие важна политичка порака. Истовремено, во Брисел се водат дебати за измена на принципот на едногласност во преговорите, што може да ја намали моќта на билатералните блокади. Во таков контекст, дел од познавачите велат дека присуството на Фон дер Лајен во Скопје може да се чита како тест на подготвеноста на ЕУ да биде активен гарант на проширувањето, но и како порака дека Македонија не е оставена сама на патот кон членство.
Пред да се качи во авион и да полета кон Балканот, Фон дер Лајен утре ќе треба да ги „преживее“ двете иницијативи за недоверба што ќе се гласаат во Европскиот парламент. Извесно е дека нејзината лидерска позиција во ЕК не е загрозена, но гласањето ќе биде клучно за да се процени вистинската внатрешна поддршка што ја има таа меѓу европратениците. Двете иницијативи доаѓаат од екстремите во политичкиот спектар: едната од десничарската група Патриоти за Европа, а другата од Левицата.
Нејзината турнеја треба да започне на 13 октомври, а, според агендата, во Скопје треба биде идната среда, на 15 октомври. Тој ден треба да ја посети и Приштина. Како и претходните нејзини балкански турнеи, и оваа има цел да ја потврди посветеноста на Брисел на земјите од регионот и европската перспектива за целиот Западен Балкан. Поради нејзината посета на земјите од регионот, Комисијата го одложи објавувањето на годишните извештаи за напредокот кон ЕУ, кои обично се објавуваат во октомври. Начелно, извештаите ќе бидат објавени на почетокот од идниот месец, откако Фон дер Лајен ќе ги посети земјите од Западен Балкан, но ако се суди од досегашните изјави на европските лидери, оваа година земјите кандидати нема да се закитат со многу позитивни оцени.
Како претходник на претседателката на Европската комисија, во регионот деновиве е австриската министерка за европски прашања, Клаудија Плаколм, заедно со државната секретарка за европски прашања на Словенија, Нева Грашич. Двете високи претставнички ја изразија својата целосна поддршка за дијалог меѓу Скопје и Софија, кој македонската Влада го најавува за по изборите, односно по Нова година, оценувајќи дека билатералните прашања не смеат да бидат пречка за заедничката европска иднина. Главната новина што ја пренесоа тие беше иницијативата од Словенија, Германија, Австрија и од Италија во писмо до претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, наместо секој технички чекор да зависи од едногласната поддршка на сите земји членки, да се употребува квалификувано мнозинство за техничките прашања во преговорите. Оваа иницијатива веќе ја поддржале 16 членки. Австриската и словенечката министерка за европски прашања од Скопје порачаа дека не смее да се блокира процесот со билатерални прашања, бидејќи и на самата ЕУ ѝ се потребни и членките, но и кандидатките, поради сменетата геополитичка состојба и поради безбедноста. (В.С.Н.)