Трговските односи меѓу Кина и Европската Унија достигнаа „јасна пресвртница“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Пекинг по напнатиот самит со кинеското раководство. Очекувањата за собирот во кинеската престолнина, кој одбележува 50 години од воспоставувањето дипломатски односи, беа ниски. Средбата се одржа по неколку недели тензии, а кинеската страна нагло одлучи да го преполови неговото времетраење, пренесува „Бета“.
„Ја изразивме нашата загриженост искрено и отворено, за трговски, инвестициски и геополитички прашања. Делумно идентификувавме решенија“, рече фон дер Лајен на прес-конференција по средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг и премиерот Ли Ќијанг.
На прашањето за потенцијален трговски договор со САД, Германката рече дека ЕУ е фокусирана на постигнување договор, но дека сите инструменти се на маса сè додека „не се постигне задоволителен резултат“. Таа нагласи дека односот меѓу Кина и ЕУ е „важен“, но и „независен“ од односите на ЕУ со другите актери.
Си претходно им кажа на фон дер Лајен и на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дека предизвиците со кои се соочува Европа не потекнуваат од Кина. Тој ја повика ЕУ „правилно да управува со разликите и споровите“.
„Постои надеж дека европската страна ќе ги држи отворени трговските и инвестициските пазари и ќе се воздржи од користење рестриктивни економски и трговски алатки“, кинеската новинска агенција „Ксинхуа“ го цитираше Си.
ЕУ воведе царини за увоз на електрични автомобили од Кина во текот на изминатата година, меѓу другото, а европските претставници предупредија за трговски дефицит со азиската земја кој достигна 306 милијарди евра минатата година.
Фон дер Лајен им рече на новинарите дека кинеското раководство изразило подготвеност да охрабри поголема потрошувачка од страна на нејзините граѓани.
Таа претходно му кажа на Ли дека ќе ја смета поголемата отвореност на кинескиот пазар за европските компании и отстранувањето на извозните ограничувања како „чекори напред“. Таа го нарече состанокот со Си „одличен“.
Лидерите на ЕУ на состанокот во четврток изразија очекувања дека Кина ќе ја охрабри Русија да ја запре војната во Украина. „Важно е да има прекин на огнот и преговорите да се водат на маса, да постои вистинска и искрена подготвеност да се најде решение за да се запре крвопролевањето“, рече фон дер Лајен на прес-конференција.