Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Израел има право да се брани и дека Иран не може да има нуклеарно оружје.
Фон дер Лајен, која е во Канада за самитот на Г7, изјави дека разговарала со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и дека со длабока загриженост ги следи случувањата на Блискиот Исток.
„Ја повторив нашата посветеност на мирот, стабилноста и дипломатските напори што водат кон деескалација. Во овој контекст, подвлеков дека Израел има право да се брани. Иран е главниот извор на регионална нестабилност. Европа отсекогаш била јасна – Иран никогаш не може да се здобие со нуклеарно оружје. Постои итна потреба од договорено решение“, рече фон дер Лајен во објава на социјалната мрежа „Икс“.
Според неа, постојано се изразуваат силни загрижености за нуклеарните и балистичките ракетни програми на Иран.
Како што изјави таа, ова се истите ракети што неселективно ги погодија градовите не само во Израел, туку и во Украина.
„Разговаравме и за Газа. Хуманитарната ситуација во Газа е неприфатлива. Го повторив нашиот итен повик да се обезбеди целата хуманитарна помош веднаш да стигне до цивилите на кои им е потребна. Продолжувањето на прекинот на огнот и итно ослободување на заложниците се од суштинско значење, со цел конечно да се постигне траен крај на непријателствата“, заклучи Фон дер Лајен, пренесува „Танјуг“.