Претседателката на Европската комисија денес објави дека ќе ја посети Белата куќа кога ќе биде постигнат договор за трговските прашања со американскиот претседател Доналд Трамп.
“За мене е важно ако одам во Белата куќа, да имам пакет и сакам да имам решение за кое двајцата можеме да се согласиме, тоа е она на што работиме во моментов во рамки на разговорите со САД,” изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Брисел.
Таа додаде дека не сака да навлегува во детали за процесот на преговори, потенцирајќи дека ништо не е финализирано додека не се договори целиот пакет. Фон дер Лајен потенцираше дека ЕУ предложила модел на “нула за нула” тарифи од двете страни на Атлантикот.
“Ние сме подготвени да ги укинеме царините за индустриски стоки и како што знаете, интензивно работиме на договор за решение за прашањето за царините. Решение кое е балансирано, фер, неутрално и корисно за двете страни на Атлантикот. Но, ако преговорите не успеат, ние ќе дејствуваме и затоа во моментов се консултираме за можната листа на реципрочни мерки. Со други зборови, сите наши инструменти и опции остануваат на маса,” додаде Фон дер Лајен.
Мерц, од друга страна, изјави дека ги поддржува тековните преговори со САД, истакнувајќи дека е во интерес на двете страни да се постигне решение.
Тој подвлече дека Вашингтон не може да ги избира земјите членки на ЕУ една по една и да преговара со нив за трговски договори, бидејќи трговијата е во целосна надлежност на Европската комисија и нивни трговски партнер е ЕУ во целина.
Според Мерц, примарен проект на ЕУ за следните години треба да биде зајакнување на конкурентноста на европската индустрија, што бара намалување на бирократијата и олеснување на регулативите на Унијата. “Ни треба фундаментална модернизација и подобри рамковни услови во Европската Унија,” рече Мерц.