Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, испрати писмо до лидерите на земјите-членки во кое предлага три можни решенија за финансирање на потребите на Украина во следните две години.
Првата опција е секоја земја-членка да обезбеди билатерална неповратна помош за Украина.
Втората е заедничко задолжување на ниво на ЕУ, при што земјите-членки би морале да обезбедат правно обврзувачки, безусловни и неотповикливи гаранции за тој заем.
И како трета опција, фон дер Лајен предлага репарациски заем од 140 милијарди евра со користење на имобилизирани руски средства. Украина би морала да го врати тој заем само ако и откако Русија ќе ги плати воените репарации.
Иако Урсула фон дер Лајен наведе три можни решенија, во пракса првите две се речиси невозможни со оглед на фискалната состојба во многу земји-членки.
Претседателот на Комисијата во писмото наведува дека првите две опции би го зголемиле фискалното оптоварување, бидејќи финансиската помош би дошла или од директниот монетарен придонес на земјите-членки или од свежи пари позајмени на финансиските пазари, што би вклучувало трошоци за камата, додека третата опција, репарациски заем, нема да предизвика дополнителни трошоци, ново задолжување, ниту пак би влијаела на националната каса.
Фон дер Лајен во писмото наведува дека на Украина ќе ѝ бидат потребни 83,4 милијарди евра во 2026 и 2027 година за потребите на украинската армија и 52,3 за стабилизирање на економијата и покривање на буџетскиот дефицит, кој вкупно изнесува 135,7 милијарди евра.
Лидерите на земјите-членки треба да донесат одлука за помош на Украина на нивниот следен самит на 18 и 19 декември.
На последниот самит на 23 октомври, тие побараа од Европската комисија што е можно поскоро да презентира опции за финансиска поддршка за Украина за следните две години, додека прашањето за користење на замрзнатите руски средства остана отворено поради противењето на Белгија, каде што се наоѓаат поголемиот дел од замрзнатите руски средства. Белгија сака цврсти гаранции дека и другите членки ќе го споделат ризикот со неа во случај на евентуална арбитражна пресуда дека парите мора да се вратат во Русија.
„Европскиот совет се обврзува да одговори на итните финансиски потреби на Украина за 2026 и 2027 година, вклучително и за нејзините воени и одбранбени напори“, се вели во текстот, кој беше поддржан од 26 земји-членки на ЕУ на последниот самит, сите освен Унгарија.
Во писмото до шефовите на држави, фон дер Лајен вели дека „јасно е дека нема едноставни решенија, но дека Европа не може да си дозволи парализа, ниту преку двоумење ниту преку потрага по совршени или едноставни решенија што не постојат“.












