Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја поздрави одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да потпише закон за враќање на независноста на две клучни антикорупциски институции во Украина.
„Потпишувањето на законот за враќање на независноста на NABU и SAP е добредојден чекор. Реформите во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата во Украина треба да продолжат“, напиша Фон дер Лајен на платформата X.
Таа нагласи дека овие реформи се неопходни за напредокот на Украина на нејзиниот европски пат и додаде дека ЕУ ќе продолжи да ги поддржува овие напори.
Претседателот на Украина потпиша закон усвоен претходно денес од Врховната рада на Украина за враќање на независноста на Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САП), пренесува Танјуг.
Како што изјави, законот ќе гарантира нормална, независна работа на антикорупциските тела и сите агенции за спроведување на законот на Украина, пренесува Укринформ.