Во МОБ по 26 пат!
Фестивалот, и оваа година, ветува незаборавни музички моменти и покрај тоа што класичните награди од публиката и на жирито се укинати. Ќе се додели само специјална награда за Животно дело, а личноста за станува збор, засега, организаторот ја држи во тајност
Наскоро, на 30 ноември оваа 2025 година, во свечената сала на Македонската опера и балет во Скопје, ќе се одржи традиционалниот „Фолк-фест Роса“ и тоа по 26. пат. Ќе проследиме повеќе од дваесет нови македонски народни песни, идни хитови. Почетокот е закажан за 20 часот, а фестивалот и оваа година ветува незаборавни музички моменти и покрај тоа што оние класичните награди од публиката и од жирито се укинати. Ќе се додели само специјална награда за Животно дело, а личноста за која станува збор, засега, организаторот ја држи во тајност.
„Фолк-фест Роса“ е настан со повеќе од дведецениска традиција. Првиот фестивал беше одржан во 1999 година во Универзална сала – Скопје, и оттогаш, на сцената на „Роса“ настапиле голем број од најпознатите имиња на македонската фолк-естрада.
Меѓу нив и: Блага Петреска, Миле Кузмановски, Благица Павловска, Сузана Спасовска, Виолета Томовска, Ефто Пупиноски, Марјан Коцев, Наум Петрески, Лени Партикова, Смиља Митревска, Јордан Митев, Зуица Лазова, Нино Величковски, Благоја Грујовски, Вики Среброва, Ташко Каранфиловски, Елена Велевска, Мишко Крстевски, Сузана Гавазова, Благојче Стојановски-Туше, Милица Кузмановска, Кире Науновски, Круме Спасовски, Стојне Николова, Перо Христов, Анета Љумаковска, Душко Георгиевски… водителката на фестивалот е докажаната за ваквите фолк-гала-настани, Ирена Спировска.
И за овој ноември се најавува настап на некои од овие пејачи. Фестивалот годинава ќе понуди нови песни, за кои велат дека се интересен спој на традиционалната македонска музика со модерните етнозвуци. Вешта комбинација на старото со новото. (Д. М.)












