„Флораком“ и „Луна“ добија плата – штрајкот заврши 

54

Префрлени се парични средства за исплата на августовската плата за вработените во „Флораком“ и во „Луна“, фирми ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“, изјави претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски.

Според него, овој потег следува по еднонеделните протести на вработените во „Флораком“ и во „Луна“.

Денеска, тие организираа краток протест од 8:30 до 9:30 часот, пред влезот на ЈП „Паркови и зеленило“, без да ги блокираат улиците.

Кашиковски повика раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ да иницира итни мерки за обезбедување средства за исплата на септемвриската плата за да се избегне ситуацијата вработените во ЈП „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и во „Луна“ повторно да бидат принудени да го бараат своето основно човеково и работничко право на плата преку протести и блокади на булеварите и на крстосниците во Скопје.

Тој, исто така, ја изрази својата благодарност до ЈП „Водовод и канализација“ за трансферот на средства кон ЈП „Паркови и зеленило“, од кои биле финансирани платите на вработените во „Флораком“ и во „Луна“.

Минатата недела,  „Флораком“ и Луна“ седум дена блокираа неколку раскрсници во Скопје, како последно предупредување за решавање на проблемот со платите, регресот, јубилејната награда за 2022 година и со новогодишните награди. Тие претходно протестираа и во август, за неисплатената плата за јуни.

 

Фото: Ѕ. П.

 

ИЗДВОЕНИ