Германскиот фудбалски стручњак Ханси Флик одлучи да ја заостри дисциплината во Барселона пред новата сезона, пишува шпанскиот весник „Спорт“. Човекот кој го наследи Чави Ернандез минатото лето, веќе јасно стави до знаење дека воведува десет строги правила на однесување, а сега додаде уште едно – и сите знаат кој е причината – Ламин Јамал.

Забавата на која ѕвездата на Барселона покани девојки и луѓе со џуџеста висина е една од најголемите теми ова лето кога е во прашање каталонскиот гигант.

Флик веќе воведе неколку правила минатата сезона, а сега додаде уште едно – забрана за организирање забави без негова дозвола. Секоја забава мора да биде објавена и објаснета, а тренерот ќе одлучи дали ќе ја дозволи. Покрај тоа, играчите мора да бидат многу подискретни на социјалните медиуми и максимално фокусирани на фудбалот.

Германскиот тренер пристигна во Барселона минатото лето, и веднаш ја освои шпанската двојна круна во својата прва сезона и играше во полуфиналето на Лигата на шампионите. Покрај талентираниот персонал, многумина ги припишуваат неговите успеси на строгите правила на однесување што Флик ги воведе веднаш по неговото доаѓање.

Меѓу другото, играчите се должни да пристигнат 90 минути порано на тренинг, да ја проверуваат својата тежина секојдневно и да јадат заедно во клупската менза. На денот на натпреварот, тие мора да направат лесен тренинг наутро, потоа сите се собираат во хотелот и оттаму одат на стадионот.

По натпреварите на гости, повеќе не им е дозволено да се вратат дома – престојот во хотелот е задолжителен за одмор. Покрај сето ова, Флик воведе правила кои имаат за цел да поттикнат подобри односи меѓу играчите. Секој што ќе прекрши некое од правилата автоматски нема да игра на следниот натпревар.

Иако малку се знае за тоа што точно се случило во луксузната вила во Оливела каде што Јамал го прослави својот 18-ти роденден, детали за забавата на вечерта се објавени: настап на доминиканскиот рапер Чимбала, „код за облекување“ инспириран од мафија, платени девојки и контроверзното присуство на изведувач со џуџест раст.

Здружението на луѓе со ахондроплазија и други скелетни дисплазии (ADEE) јавно го осуди фактот дека луѓе со џуџест раст биле ангажирани како дел од забавната програма за време на прославата. Здружението тврдеше дека ова е навреда на нивното достоинство и најави правни мерки.

Исто така, Клаудија Калво, девојка на чиј Инстаграм профил пишува дека е Тинејџерка Мис Шпанија 2021 и Европа 2022, исто така зборуваше за забавата. Таа ја одби поканата на Јамал за роденденската забава. Како што изјави, била контактирана за да собере дванаесет девојки за забавата планирана за минатата сабота. Критериумите за избор биле исклучиво физички. Како што таа вели, фокусот бил ставен на големината на градите и бојата на косата.

ИЗДВОЕНИ